Тестаментот на Берлускони: Најблиските ќе се офајдат од милијардите на бизнисменот


Милано – Најстарите деца на Силвио Берлускони, Марина и Пјер Силвио, заеднички ќе ја делат мнозинската контрола врз деловната империја што тој ја основал, откако тестаментот на поранешниот премиер на Италија беше разоткриен.

Марина и Пјер Силвио Берлускони, кои и двајцата веќе имаат извршни улоги во дел од бизнисот, ќе имаат еднакви акции во заедничка вредност од околу 53 отсто во семејната холдинг компанија Фининвест, стои во извештајот на новинската агенција „АНСА“.

Марина претседава со Фининвест, додека Пјер Силвио беше одговорен за ТВ бизнисот „МФЕ“, кој долго време беше „скапоцен камен“ во круната на семејството.

Петте деца на Берлускони претходно рекоа во соопштението дека „ниту еден акционер нема да врши севкупна индивидуална индиректна контрола на Фининвест, претходно вршена од нивниот татко“.

Барбара, Елеонора и Луиџи Берлускони, неговите три деца од вториот брак, помалку се занимаваат со семејниот бизнис.

Исто така, било објавено и дека Берлускони му оставил наследство од 100 милиони евра на својот брат Паоло. 100 милиони евра наследство добила и неговата девојка и италијанската функционерка, Марта Фашина, додека 30 милиони евра Берлускони оставил на својот советник Марсело дел Утри.

Берлускони, кој почина на 12 јуни на 86-годишна возраст, ја донел својата одлука за наследство уште во 2006 година, покажа копија од тестаментот што го видел „Ројтерс“. Тој го потпишал својот аманет со зборовите: „Благодарам, многу љубов до сите вас, вашиот татко“.