Телата на четворица мажи пронајдени во водите на Сена крај Париз

Четири тела се пронајдени во реката Сена, во близина на Париз, соопштија денеска париските обвинители, објави ДПА .
Властите досега не пронајдоа докази што ги поврзуваат четирите случаи, но забележуваат дека локацијата во Шоази-ле-Роа, каде што се пронајдени телата, може да се објасни со условите на реката во оваа област.
Обвинителите во париското предградие Кретеј наведуваат дека причините за смртта и идентитетот на жртвите остануваат непознати, пренесува ДПА.
Весникот „Ле Паризиен“ објави дека сите четири жртви се мажи. Тројца биле пронајдени со целосната облека, додека четвртото тело било без панталони и долна облека.
Во извештајот се вели дека телата веројатно биле во вода неколку дена.
Пронаоѓањето на телата било поттикнато од патник во воз кој забележал еден од труповите во Сена и за тоа ги известил властите. Службите за итни случаи ги пронашле телата вчера.