Театарската претстава „Татко“ на Продукцијата „Театарот на еден актер“ вечерва премиерно на „Охридско лето“
На програмата на годинешното 66. издание на Фестивалот „Охридско лето“ вечерва е премиерната изведба на пртеставата „Татко“ од Флоријан Зелер, во продукција на „Театарот на еден актер“ од Скопје.
Продукцијата „Театарот на еден актер“ – Скопје, како продолжение на продукцијата „Театар и филм – БМ“, основана во 2001 година од Бајруш Мјаку, има реализирано претстави со висок уметнички квалитет, како што се: „Дневникот на лудиот“ од Гогољ, „Таткото“ од Стриндберг, „Вујко Вања“ од А. П. Чехов и ТВ филм „Татковите книги“ од Л. Старова. Во копродукција со Националниот театар Приштина, Албанскиот театар – Скопје и „Ibsen Award“ од Скиен, Норвешка, се реализираа: мегапроектот „Пер Гинт“ од Х. Ибзен, „Сократовата одбрана“ од Платон, „Народен непријател“ од Х. Ибзен и „Се бара стар кловн“ од М. Вишњек.
Со тие претстави достоинствено се презентираа достигнувањата на театарот од РСМ во бројни културни центри во светот: Париз, Виена, Москва, Санкт Петербург, Киев, Истанбул, Адана, Кишињев, Скиен (Норвешка), Улан Батор, Њујорк и многу други. Тоа потврдува дека независната продукција „Театар на еден актер“ – Скопје е една од најуспешните независни продукции во РСМ.
Основачот на продукцијата, Бајруш Мјаку, заедно со режисерот Иван Поповски, со избран актерски тим и импресивна сценографија, го реализираат текстот „Таткото“ од Флоријан Зелер.
Воедно, со ликот на Таткото, Мјаку ќе ја заокружи својата блескава 53-годишна театарска кариера.
„Одлуката да го реализирам овој проект, односно да ја заокружам мојата 53-годишна уметничка кариера, беше болна – исто толку колку и ликот на Таткото во драмата „Таткото“ од Флоријан Зелер, кој во поодмината возраст боледува од болеста на заборавањето – Алцхајмер. Покрај исклучителната театарска вредност на текстот, сметам дека со овој материјал отвораме едно мошне актуелно прашање што го зафаќа целиот свет и се повеќе ни се приближува – Алцхајмеровата болест.“, вели Мјаку.
Режисер на претставата е Иван Поповски, македонскиот режисер со руска „школа“, кој живее и работи во Москва повеќе од две децении. Тој е роден на 2 мај 1969 година во Скопје. Беше примен на театарска режија на Државниот институт за театарска уметност (ГИТИС) во 1988 година. Дипломира во 1993 година, во класата на познатиот руски режисер Пјотр Наумович Фоменко. Во третата година од студиите, Поповски ја постави претставата „Авантура“, според драмата во стихови од Марина Цветаева, заедно со своите сокласници. Претставата се играше во ходникот на ГИТИС.
„Авантура“ ја имаше својата премиера во 1991 година и го доби признанието од московската критика „Врв на сезоната“, за најдобра претстава на годината во Москва за сезоната 1991/92 година.
„Авантура“ беше еден од најзначајните настани кои доведоа до тоа класата на професорот Пјотр Фоменко да прерасне во театарот „Мастерскаја П. Н. Фоменко”. Започнувајќи со оваа претстава, трупата доби и меѓународно признание и започна активно да гостува низ Европа и низ светот. Како еден од основачите, Иван Поповски е и еден од главните режисери на театарот од неговото основање, па до денес.
Во 2007 година претседателот на Република Македонија го одликува Иван Поповски со почесната титула Амбасадор на културата на Република Македонија во Руската Федерација. Во 2008 година рускиот претседател Дмитриј Медведев потпиша указ со кој Поповски се наградува со медалот „Пушкин“ за значаен придонес во зајакнувањето на руско-македонските односи и популаризацијата на руската култура и јазик.
Улогите во претставата ги толкуват Бајруш Мјаку, Амернис Нокшиќ, Фисник Зеќири, Сабина Мемиши Асланај, Мелика Кастрати и Флакрон Алији.
За вечерашната претстава резервирана е сцената на НУ „Центар за култура Григор Прличев“ од 21 часот.