ТАВ изготвува мастер план за развој на аеродромите во Македонија за наредните 20-30 години
Се очекува планот да биде готов до средината или до крајот на октомври по што ќе биде презентиран пред владата
Од нашиот известувач Мирче Јовановски
АНТАЛИЈА, Турција – Операторот на двата аеродроми во Македонија, во Скопје и во Охрид, компанијата ТАВ Македонија изготвува мастер план за развој на аеродромите во наредните 20-30 години што треба да даде насоки во кој правец и како ќе се развиваат овие два важни објекта и нивната околина. Мастер планот е во завршна фаза и се очекува да биде готов кон средината или до крајот на наредниот месец по што ќе биде претставен пред владата и пред јавноста.
Ова беше соопштено во турскиот туристички центар Анталија пред група македонски новинар, од страна на главниот извршен директор на ТАВ аеродроми, Серкан Каптан, генералниот директор на ТАВ Македонија Неџат Курт и генералниот директор на аеродромот Анталија, Денис Варол. Тие исто така се осврнаа и на состојбите во авиоиндустријата на глобално ниво, како и во регионот и во Македонија, перспективите за раст, како и на важноста на инвестициите во авиосообраќајот и во аеродромите.
ТАВ Македонија ја има концесијата за управување со Меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Св. Павле“ во Охрид до 2032 година, но како што беше истакнато на прес-конференцијата, тие се подготвени да работат и понатаму.
Од страна на ТАВ исто така беше поздравен новиот начин на субвенционирање на авиопревозници што го предложи Владата и очекуваате натамошен раст на бројот на дестинации и на авипревозници од двата домашни аеродроми.
„Во моментот ние работиме на мастер план, односно на главен план за развој на аеродромите во наредниот период, односно за наредните 20-30 години и во изработката е вклучена и компанијата мајка ‘Аерпорт Париз’ заедно со нас. Во основа тие ги добиваат сите информации од нас за двата аеродроми за да разберат каде овие аеродроми треба да бидат во наредните 20-30 години“, истакна директорот Неџат Курт.
Тој посочи дека изработката на мастер планот е многу важна за ТАВ Македонија и дека претставува значајна инвестиција.
„Очекуваме да се заврши до средината или до крајот на октомври и кога ќе биде завршен и готов ќе го презентираме пред владата“, рече тој.
Иако ТАВ Македонија ја има концесијата за управување со аеродромите до 2032 година беше посочено дека изработката на мастер плановите е обврска на секој концесионер, без оглед дали по нејзиното завршување ќе замине или ќе продолжи со работа на аеродромите.
„Секако, работа на аеродромскиот оператор е да ја планира иднината, односно да стори сѐ што е потребно да се направи со аеродромите и со околината. Дали тоа ќе го направиме ние или некој друг без разлика, сепак околината на аеродромите треба да се испланира“, вели Курт. Тоа е важно на пример од аспект аеродромите да не бидат опкружени со згради, потоа за нивната поврзаност со градовите и слично.
„Таквото планирање е важно за идното користење и за комуникацијата, како на пример изградба на железница и слично. Ние нашиот мастер план ќе го споделиме со владата. Ние сме подготвени и сакаме да продолжиме со работа“, истакна Курт.
Првиот човек на ТАВ аеродроми, Серкан Каптан, посочи дека мастер плановите ги изготвуваат за сите аеродроми што се во пораст.
„Изготвувањето на овие мастер планови не е поврзано со периодот на концесијата, односно овие мастер планови и подготовки ги правиме со цел да ја обезбедиме околината, односно зоната на аеродромите, за иден раст и развој на тој дел од местото. Секако при подготовката на мастер плановите ние се консултираме и со локалните власти, со општините и со Министерството за транспорт и врски. Ние ги претставуваме нашите визии, тие ги кажуваат нивните визии за развој на тој реон. Можеби во моментот нема потреба од железница, но за 15- 20 години би имало потреба да се поврзат аеродромите со железница. Тие информации ги добиваме, ги разработуваме и ги преговараме“, рече Каптан.
Одговарајќи на прашања на новинарите како ја коментираат промената на моделот на субвенционирање од страна на владата, односно давање стимулации за дестинации наместо за патници како до сега, и дали тоа ќе придонесе за зголемување на бројот на компании што се присутни на скопскиот и на охридскиот аеродром и бројот на патници, од ТАВ сметаат дека тоа ќе има позитивни ефекти.
„Да, секако сметаме дека ќе има позитивни ефекти. Пред да биде реализиран повикот за субвенционирање на авиокомпаниите имавме детални состаноци со комисијата од Министерството за транспорт и врски со наш претставник, и секако дека договорот кој што ќе се склучи понатаму треба да биде прифатлив и за превозникот и за нас. Од информациите што ги имам до сега, знам дека има повеќе авиокомпании коишто имаат аплицирано на повикот. Не може во моментот да откриеме точно кои, но веруваме дека овој повик за субвенционирање на авиокомпаниите ќе има огромен ефект врз зголемување на бројот како на авиокомпании и на нови дестинации. Без разлика дали ќе бидат тие нови дестинации од една иста авиокомпанија или од повеќе“, вели Курт.
Инаку, од ТАВ Македонија очекуваат развој на авиосообраќајот и на бројот на превезени патници како на глобално, така и на регионално ниво вклучувајќи ги и двата македонски аеродроми.
Во однос на инвестициите, како што беше посочено, до сега од почетокот на работењето на ТАВ на Скопскиот и Охридскиот аеродром биле вложени 120 милиони евра до 2019 година, вклучително и изградбата на терминалната зграда како капитална инвестиција, потоа дополнително 25 милиони евра се вложени за други проекти како што беше рехабилитацијата на полетно-слетната патека, односно на пистата, за набавка на аеродромска опрема која што е потребна за секојдневните операции и многу други инвестиции во подобрувања на секојдневното работење.
„Важен податок кој што треба да се спомене е дека до сега имаме исплатено повеќе од 112 милиони евра за исплата на плати за вработените, тука се дополнително и даноците и придонесите и надоместокот за концесијата, што вкупната сума на овој вид на инвестиција е околу 162 милиони евра“, рече Курт.
Тој нагласи дека досега се инвестирани и 7,5 милиони евра во привлекување на авиокомпаниите, односно во програма за субвенционирање на авиокомпаниите за нови дестинации и отворање нови линии.
„Овие субвенции се различни од субвенциите што ги доделува владата, односно ние работиме со поинаков модел на субвенционирање со цел да привлечеме што повеќе авиокомпании и да отвориме што повеќе авиолинии. Тоа што им нудиме се попусти и одредени поволности“, рече Курт.
На двата аеродроми, во Скопје и во Охрид, има повеќе од илјада вработени вклучувајќи ги вработените на ТАВ Македонија, како и вработените во нејзината сестринска компанија БТА која се грижи за кетерингот, потоа АТУ Дјути фри, компанијата која што се занимава со продажба, малопродажба и бесцаринско работење, потоа ТАВ оперативни услуги како и ТАВ ИТ.
Од 2008-2009 година кога ТАВ Аеродроми влезе на македонскиот пазар со преземањето на управувањето на двата аеродроми со договор за концесија, беа првата и до скоро единствената приватна компанија, приватен инвеститор којшто го презема управувањето на аеродромите.
„Во изминатите 14 години ние инвестираме во двата аеродрома, во аеродромското работење, а сега што се случува во регионот со приватизацијата, односно со аеродромските оператори на соседните земји, може да кажеме дека го копираат тоа што ние го правевме уште во 2008- 2009 година“, вели Курт.
Во ТАВ се горди и на деветте награди кои до сега ги има добиено скопскиот аеродром за квалитет на аеродромските услуги, признание доделено од страна страна на Меѓународниот совет на аеродроми и очекуваат да добиваат и натаму вакви признанија.
Во однос на развој на авиосообраќајот, процените се извонредно поволни – само во досегашниот период од годинава на глобално ниво се превезени 9,7 милијарди патници, со што е надмината бројката од 9,2 милијарди патници во предпандемиската 2019 година. Се проценува дека таа бројка ќе се удвои во наредните дваесетина години за што ќе бидат потребни огромни инвестиции за изградба на нови аеродроми и за зголемување на ефикасноста на постојните. Што се однесува до двата макеоднски аеродроми, во Скопје и Охрид, преку нив биле превезени 3,14 милиони патници во 2023 година, за околу 500 илјади повеќе од предпандемиската 2019 година кога беа превезени 2,67 милиони патници.