Мицкоски како инспектор, ќе оди фактура по фактура за цените во маркетите
Премиерот работел на идентификување на 600-700 производи и еден по еден ќе ги анализираме каде„ може да покачиме и како можеме да покачиме“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека за него се врвен приоритет цените на производите во маркетите и дека, доколку е потребно, во анализата ќе се оди фактура по фактура.
Одговарајќи на новинарско прашање околу цените на прехранбените производи во маркетите и дали остварил средба со дистрибутерите и со производители, што беше најавено по состанокот со претставница на маркетите пред десетина дена, Мицкоски рече дека во Владата детално навлегуваат во оваа проблематика и дека тој лично се занимава во идентификувањето на околу 6.000 производи кои што влегуваат во статистиката.
„Лично тоа јас го имам како врвен приоритет“, рече Мицкоски.
Тој истовремено се повика на податоците на Еуростат, според кои основната потрошувачка кошница во Македонија е најевтина во Европа.
„Убедливо најевтина, некаде 49,7 проценти од европскиот просек. Дали е тоа доволно? Не е, но тоа ги демантира сите оние кои што не сакаат оваа држава да успее и кои што не сакаат да ја видат Македонија горда и напредна и кои што се практично сите оние зли јазици кои што создаваат една лоша тмурна атмосфера во општеството и ваквите податоци, ваквите параметри ги демантираат тие антидржавни елементи во Македонија“, изјави Мицкоски.
Според него, тоа сепак, не е не е доволно и дека треба да се работи на тоа прашање.
„Ќе работиме и јас лично ви велам, работам на методологија на идентификување на 600-700 производи кои што се мерат статистички и директно на нив ќе одиме фактура по фактура, еден по еден производ, ќе ги анализираме каде можеме да покачиме и како можеме да покачиме. Ова е темелна ооперација која што лично ја водам, и очекувам многу скоро да има резултати кои што ќе бидат видливи на терен“, изјави Мицкоски.
Мицкоски минатата недела по средбата со претставниците на најголемите синџири маркети соопшти дека е дефинирана цел годишната стапка на промена на цените на основните прехранбени производи во јули годинава да биде под 3 проценти, а најави средба во таа насока и со производителите и дистрибутерите.
Во меѓувреме, како што најави Државниот пазарен инспекторат ќе прави споредбена анализа помеѓу цените на ист производ на добавувачите кон маркетите и цените на маркетите за тој производ кон потрошувачите за мај годинава споредено со мај лани. Целта, вели Мицкоски, е да се види што е тоа што креира состојба да имаме зголемени цени на основните прехранбени производи.