Тарик Семси, по потекло од Жупа, стана прв странец советник во Советот на Општина Венеција
Дипломираниот архитектект на престижниот универзитет во Венеција, Тарик Семси, од турската етничка припадност, по потекло од село Коџаџик, Општина Центар Жупа, испиша историја, стана прв странец советник во Советот на Општина Венеција.
Дваесет и осум годишниот Тарик, кој живее во Италија, обезбеди место во 36-члениот општински совет на локалните избори во овој италијански град, како кандидат на независната листа на кандидатот за градоначалник, Симоне Вентурини, познат адвокат, подржан од италијанската десница.
-Чест ми е што станав дел од Советот на општина Венеција. Посебно сум горд што јас сум прв државјанин на Македонија и воопшто странец, кој е дел од овој оштински орган. Максимално ќе се ангажирам да ја оправдам довербата и доследно да ја претставувам нашата многубројна заедница, рече за МИА Семси, кој денеска ја потпиша изјавата за советник, додавајќи дека утре ќе биде одржана првата седница на Советот.
Новоизбраниот градоначалник, Вентурини, вели дека е горд што едно вредно момче влегува во Советот, кој ќе му биде секако добар соработник и потлрепа во работата.
– Со неговата подготвеност верувам дека ќе придонесе многу за градот Венеција и секако за многубројната македонска заедница, за нашите драги пријатели и сограѓани по потекло од Македонија. Повеќе од убеден сум дека ќе биде одличен пример за идните генерации, затоа што тој е прекрасно, вредно и одговрно момче, рече за МИА, Вентурини.
Инаку, Тарик, кој е оженет и татко на едно дете, е син на познатиот бизнисмен во Италија, Мунир Шемси, познат филантроп, кој со донации помага како во Италија, уште повеќе во матичната земја. Тој е претседател на италијанско – македонската стопанска комора „АПИ Нордес“.