„Таргет-Тврдина“ – Јанкулоска обвинета или оштетена, Ременски бара отштета


Политичари, новинари и други лица кои биле прислушувани во периодот од 2008 до 2014 година денеска сведочеа за тоа која функција ја имале во општеството во тој период и како дознале дека се прислушувани, на судењето за незаконското следење на комуникациите „Таргет-Тврдина”.

Се изјаснија дека се оштетени, а дел од нив најавија и дека побаруваат отштета.

Куриозитет во случајот е тоа што адвоктатот на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, Љупчо Петковски, на почетокот на рочиштето до судот поднесе образложение и побара на листата на оштетени да биде додадена и Јанкулоска, а таа е обвинета во предметот „Тврдина“.

Актуелниот градоначалник на Општина Центар Саша Богдановиќ денеска во сведочењето за предметот за прислушкувањето „Таргет-Тврдина“, рече дека од 2009 до 2013 година работел во „Хумал ск“, а од 2014 бил директор на ЈП „Паркинзи на општина Центар“, како и дека бил политички активен во СДСМ.

-Од 2008 имаше шпекулации дека има прислушување, а по објавувањето во 2015 година се обратив до СЈО, од каде ми беше кажано дека сум прислушуван на пет телефонски броеви, изјави Богдановиќ.

Рече дека се чувствува оштетен, но нема да бара отштета.

Сведокот оштетен Фросина Ременски, рече дека од 2008 до 2014 работела на Факултетот за безбедност и се занимавала со работењето на МВР, постоеле сомнежи дека нејзините службени и приватен телефон се следени.

– Тие сомнежи потоа и ми се потврдија. Мое мислење е дека бев следена за изнесени мои професионални ставови и поднесена кривична пријава од 2013 година, а не за мојот политички ангажман. За мене не постоеше сомнеж ниту дека јас и моето семејство сме следени и недозволено фотографирани. Од СЈО добив потврда дека пет мои телефони се прислушувани, изјави Ременски.

Рече дека се чувствува како оштетена, бидејќи била суспендирана и разрешена од функцијата ректор на факултетот за безбедност.

-Фактот дека 2011, 2012 и 2013 година целиот документиран перид во кој е откриено и пријавено незаконското опремување на МВР на штета на мојот факултет, целиот период на различни начини ми е вршен притисок и професионален и приватен. За сето тоа ќе барам отштета и ќе поднесам докази, изјави Ременски.

Нејзиниот сопруг Јовче Ременски, рече дека во 2006 година работел во Управата за контрарзузнавање и бил прераспределен, по што од колеги дознал дека е таргет на следење.

– Заради моето искуство точно знаев што значи тоа и имав основано сомнение, бидејќи приватно во тековниот живот се случуваа работи кои не може друг да ги прави освен службата. Во 2008 година од колега бев информиран дека сум таргет на службата. Потоа по објавување на аферата од СЈО бев информиран дека моите четири телефони биле таргет на следење, изјави Јовче Ременски.

Посочи, дека има поднесено барање до телеком операторите за тоа дали е нелегално прислушуван и добиените одговори ги достави до Обвинителството како докази.

– Имам докази дека сум бил од интерес на службата. Има и нарачка за мое ставање во инвалидска количка, се тоа паралелно со прислушување од Управата, изјави Јовче Ременски.

Рече дека се чувствува оштетен и има лична и материјална и нематеријална штета, и дека за материјалната штета дополнително ќе се произнесе.

Процесот го води судијката Џенета Бегтовиќ, а застапници на обвинението се Ленче Ристеска, Трајче Пеливанов и Артан Ајро.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.