Тања Фајон доби вето од Јанша заради Македонија


Илустрација - Фото: Б. Грданоски

Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, во неделата вечерта ја известила поранешната министерка за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, дека ја повлекува номинацијата за нејзино именување на позицијата специјален претставник на ЕУ за Сахел, објави словенечкиот портал 24Ур.

Ова следи по изборот на новата влада на Словенија предводена од Јанез Јанша и Европската народна партија (ЕПП), групата на која припаѓа партијата на Јанша. Претходно, Јанша објави дека сагата околу назначувањето е завршена, бидејќи Министерството за надворешни работи проценило дека валидноста на номинацијата на Фајон е доведена во прашање.

– Ова не е првпат Словенија да изгуби значително влијание и, пред сè, углед поради домашни политички споровиПред сè, личното дискредитирање на претставниците на словенечкото политичко раководство во главните градови на ЕУ што го доживеав е неприфатливо – коментира Фајон.

Според неофицијалните информации што ги објави 24Ур, Калас веќе избрала нов кандидат за позицијата специјален претставник на ЕУ за Сахел. Се верува дека станува збор за данската дипломатка Биргите Нигард Маркусен.

Тања Фајон е словенечка политичарка, лидерка на словенечките Социјалдемократи и министерка за надворешни и европски работи на Словенија од 2022 година. Пред тоа повеќе од една деценија беше европратеничка и една од најгласните поддржувачи на политиката на проширување на Европската Унија кон Западен Балкан. Како известувач и член на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, Фајон постојано предупредуваше дека одолговлекувањето на европската интеграција на регионот ја намалува довербата во ЕУ и отвора простор за влијание на трети држави.

Во однос на Македонија, Фајон важи за еден од најнаклонетите европски политичари. Таа силно го поддржа Преспанскиот договор, остро го критикуваше бугарското вето врз почетокот на преговорите со ЕУ и повеќепати истакна дека македонскиот јазик и идентитет не смеат да бидат доведени во прашање во пристапниот процес. При посетата на Скопје во октомври 2022 година изјави дека е реално Македонија да стане полноправна членка на ЕУ до 2030 година, доколку успешно ги спроведе реформите и го продолжи европскиот пат.

Како европратеничка од групата на социјалистите и демократите, Тања Фајон во периодот 2015–2017 јавно го поддржуваше Зоран Заев и СДСМ во нивните барања за истрага на аферата со прислушувањето, фер избори и спроведување на Договорот од Пржино. Таа повеќепати ја критикуваше тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Ѓорге Иванов, особено по аболициите, оценувајќи дека Македонија се соочува со сериозна демократска криза.

Нејзините настапи во Европскиот парламент и јавните изјави беа во согласност со ставовите што ги застапуваа демонстрантите од Шарената револуција и тогашната опозиција, поради што во Македонија често беше доживувана како политичарка наклонета кон СДСМ.