Талибанците се заканија: Престанете да вработувате жени, или ќе ве затвориме
Талибанците најавија дека ќе ги затворат сите домашни и странски невладини организации во Авганистан кои вработуваат жени.
Одлуката доаѓа две години откако им наложија на невладините организации да престанат да вработуваат авганистански жени, наводно затоа што не го носеле правилно хиџабот.
Во писмото објавено синоќа на социјалната мрежа Х, Министерството за економија предупреди дека непочитувањето на најновата наредба ќе резултира со губење на лиценцата за работа на тие организации во Авганистан, пишува АП.
Министерството изјави дека е одговорно за регистрација, координација, управување и надзор на сите активности што ги вршат домашни и странски организации.
„Работната дозвола ќе се укине“
Според писмото, владата повторно наредува суспензија на сите работни места на жените во институциите кои не се контролирани од талибанците.
„Во случај на недостиг на соработка, сите активности на таа институција ќе бидат суспендирани, а ќе се укине и лиценцата за работа на таа институција издадена од министерството“.
Талибанците веќе им забранија на жените многу работни места и влез во повеќето јавни простори. Ги исклучиле и од образование по шесто одделение.