Светски ден на менталното здравје

Под мотото „Пристап до услуги за ментално здравје при итни и кризни состојби“ денеска на градскиот плоштад „Македонија“ ќе биде одбележан Светскиот ден на менталното здравје.
На настанот, во организација на Универзитетската клиника за психијатрија – Скопје, ќе присуствува министерот за здравство Азир Алиу.
– Преку јавниот собир сакаме да испратиме порака дека здравствените професионалци се тука – блиску, достапни и подготвени да одговорат на потребите за ментално здравје. Посетителите ќе имаат можност да разговараат со психијатри, психолози и други стручни лица, кои ќе дадат информации, ќе одговорат на прашања и ќе упатат на достапните ресурси. Овој настан симболизира заедништво, поддршка и солидарност – темели на процесот на колективно заздравување во време на криза, информираат од ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија – Скопје.
Оттаму наведуваат дека овој Светски ден на менталното здравје е повик до сите – институциите, организациите, училиштата, медиумите и граѓаните за обединување.
– Заедно можеме да изградиме општество во кое менталното здравје е вреднувано, заштитено и достапно за сите. Со грижа, солидарност и навремена интервенција можеме да спасиме животи, да го олесниме страдањето и да овозможиме простори за закрепнување и надеж, потенцира организаторот.