Светска банка не очекува рецесија во Македонија, но не исклучува квартален негативен раст

Фокусот треба да продолжи да биде и на долго одложуваните структурни реформи за да се поттикне растот и да се отворат нови работни места, посочуваат од Светска банка


 

Светска банка не очекува да се случи рецесија во  Македонија во однос на севкупниот учинок, иако е можен квартален негативен раст, а тоа може да биде видливо дури и оваа година.
Сепак, како што посочија експерти на Светска банка кои денес во Скопје го презентираа најновиот есенски економски извештај за земјите од Западен Балкан, предвидувањата се неблагодарни заради тоа што нештата брзо се менуваат и тоа не на подобро. Севкупно, растот ќе биде забавен, посочија тие. 

За годинава Светска банка предвидува дека растот на БДП во Северна Македонија ќе изнесува 2,1 отсто, наредната година ќе биде 2,7, а во 2024 ќе достигне 2,9 отсто. Во однос на инфлацијата проценките се дека годинава таа ќе изнесува 12,1 отсто, за наредната година да се намали на 6,1 отсто, а во 2024 година на 3 отсто. 

„Ако гледаме нанапред, Северна Македонија е во групата земји со релативно умерен раст. Очекуваме дека тековната криза ќе се намали и ќе стивне во однос на шоковите кои што ги предизвикува. Имавте шокови оваа година и основниот ефект е забавен раст. Растот се намалува и заради високата инфлација, ќе останат високи цените на производите, па преку намалената потрошувачка и преку високите влезни трошоци за бизнисите ќе се зголемат трошоците за извоз“, рече на презентацијата на извештајот Сања Маџаревиќ–Шустер, виш економист за земјите од Западен Балкан.

Влијанието на кризата во земјите од ЕУ, пред се во Германија, која е најголем трговски партнер на Македонија, ќе се одрази и растот кај нас. 

Основната порака на Светска банка е дека соочена со тековни шокови, на Северна Македонија ѝ требаат политики што ќе ги заштитат најранливите и реформи што ќе го поттикнат растот.

Во извештајот се вели дека погодена од војната во Украина и енергетската криза, Северна Македонија се соочува со историски висока инфлација, што несразмерно ги еродира реалните приходи на сиромашните. Со ограничен фискален простор, зголемен јавен долг и зголемени трошоци за финансирање, фискалната поддршка треба да ги таргетира најранливите домаќинства и фирми. Во исто време, затегнувањето на монетарната политика треба да постигне рамнотежа помеѓу задржувањето на инфлацијата и избегнувањето на задушување на економската активност.

„Поддршката на политиките на Владата за енергетски ранливите е важен чекор во вистинската насока, но мерките треба да бидат насочени и временски ограничени за да се минимизираат фискалните ризици“, додаде Масимилијано Паолучи, директор на Светска банка за Северна Македонија и Косово. „Во исто време, фокусот треба да продолжи да биде и на долго одложуваните структурни реформи за да се поттикне растот и да се отворат нови работни места.

Според извештајот, таквите реформи ќе вклучат мерки за зголемување на нивото на пазарна конкуренција, отстранување на бариерите за влез во бизнисот, зголемување на задржувањето и реинвестирањето кај странските инвеститори, намалување на бариерите за учество на женската работна сила, подобрување на квалитетот на образованието и подигање на стандардите на управување, вклучувајќи ја и дигитализацијата.

Тековната криза, исто така, ја поткрепува важноста од забрзување на зелената транзиција во регионот подалеку од испарливи јаглеводороди кон почисто производство на електрична енергија, како и поеколошки модели на производство и потрошувачка, се вели во извештајот.

Одговарајќи на прашања на новинарите, Маџаревиќ – Шустер рече дека споредено со некои земји, со слична економска структура, како Србија на пример, која котира подобро, сепак треба да се земе во предвид дека таа не ги спроведуваше санкциите како Македонија и дека имала одредени придобивки заради непрекинатите канали за извоз.

„Македонија ја немаше таквата корист, но во 2023 година е во групата земји со умерен раст очекуваме дека тековната криза ќе се намали и ќе стивне“, рече таа.

Сепак, сите предвидувања сега се базират на храбри претпоставки. Лани гледавме закрепнување и засилен раст, пролетта оваа година прогнозите надолно ги преструктуиравме, така што сега не можеме да кажеме нешто подолгорочно, додаде таа.

На прашањето какви реформи се потребни во земјава и колкава е фискалната подготвеност на Македонија за овие реформи, Маџаревиќ – Шустер рече дека, како прво краткорочно се очекува владите да се фокусираат на олеснување на влијанието од кризата за најранливите домаќинства и фирми во смисла на големината на фискалните напори.

„Северна Македонија има најсилен пакет од сите шест земји во смисла на поддршката која што се дава на фирмите и на домаќинставата гледано од фискална страна. Ако се погледне износот од 750 милиони евра севкупно, тоа е повеќе од 5 отсто од БДП и ова е моментално најголем пакет на фискален одговор на кризата“, рече Маџаревиќ–Шустер.

Таа додаде дека ако се погледнат цените на електричната енергија, на гас, тие и понатаму се конкурентни, но делумно затоа што се субвенционирани.

„Ако владата не плаќа субвенции тогаш ќе плаќате многу повисока цена. Краткорочно мислам дека ова е начинот да се оди понатаму“, посочи таа.

Второ, според Маџаревиќ–Шустер, новиот пакет за одговор на кризата е уште понасочен заради ограничувањата на фискалниот капацитет и фокусот навистина треба да биде на најранливите домаќинста и фирми.

„Реформите не мора да чинат многу пари и треба политичка воља за нив за да се имплементираат. Во контекст на Македонија, сегашното функционирање на парламентот може да е пречка за побрзо да се движиме во овие реформи. Видовме во случајот со Законот за буџет кој требаше две години да помине во Собранието. Овие реформи не чинат многу пари, но се добри за ефикасноста и транспарентноста на користењето на јавните ресурси“, рече Маџаревиќ – Шустер.

Таа исто така ја нагласи и потребата од реформи во образовниот сектор.
„Сите ќе се согласт дека тие се од критична важност за Македонија. Поребно е време да се спроведат, но некој треба да започе со тој процес“, рече Маџаревиќ – Шустер, додавајќи дека повеќето од овие реформи немаат фискални трошоци, но ќе имаат многу силни продобивки за севкупното општество, вклучувајќи ја и фискалната политика во иднина.

На прашањето околу најавените даночни реформи, како и дали се потребни во време на криза, таа рече дека владините предлози се солидни.

„Може да се аргументира дека не е добро времето, но мислам дека сега е добро време за такви реформи затоа што ќе се ребалансира даночниот товар од посиромашните и ранливите кон помалку сиромашните. Предлогот е да се оданочат капиталните приходи така што работната сила и капиталните приходи ќе бидат исто оданочени“, рече Маџаревиќ – Шустер.

Таа додаде дека дисбалансот во моментот, каде што приходот од работната сила е оданочен со десет отсто, а капиталниот не е, се чини дека не е фер.

„Прашањето е дали зголемувањето на прогресивноста на даночниот систем ќе доведе до поголема правичност и порамномерно да се распредели даночниот товар помеѓу различните категории. Второ, дизајнот на оваа реформа не е конечен, да видиме каков ќе биде конечниот пакет“, рече таа.

Во однос на регионот, од Светска банка посочија дека економските перформанси во сите шест економии на Западен Балкан продолжуваат да бидат под влијание на тековната војна во Украина и како резултат на нагло зголемување на цените на енергијата и забавување на глобалниот раст. Во најновиот редовен економски извештај за Западен Балкан се додава дека овие кризи создаваат значителни пречки за регионот и покрај подобриот од очекуваниот раст порано оваа година.

Во првата половина на 2022 година, економскиот раст – поттикнат од приватната потрошувачка и инвестиции – се покажа како робустен, надминувајќи ги очекувањата. Нивото на вработеност достигна историски највисоки нивоа во неколку земји до средината на 2022 година, а стапката на вработеност во регионот сега е во просек 46 отсто, што е зголемување од 3 процентни поени во однос на средината на 2021 година.

Во анализата се проценува дека оваа година БиХ, Србија, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Албанија ќе забележат просечен раст на бруто домашниот производ од 3,4 отсто, што е двојно помалку од 2021 година, кога овој раст изнесуваше 7,6 отсто, но истовремено е значително повисока од проекциите за 2023 година, кога се очекува забавување на економскиот раст и пад на ниво од 2,8 отсто за целиот регион.

Годинава највисока стапка на раст на БДП забележа Црна Гора, каде може да заврши на ниво од 6,9 отсто.

Драматичното зголемување на инфлацијата се почувствува и во овој дел од европскиот континент, па таа до октомври достигна просечно 12 отсто за сите земји од регионот, но во Босна и Херцеговина беше дури 16 отсто.

Сепак, моментот на раст сега почнува да се забавува соочени со сè поголемите предизвици. Повисоките цени на енергијата и храната ја турнаа инфлацијата на нивоа невидени со години, намалувајќи ја куповната моќ и деловната доверба. Пазарот на трудот почнува да се лади, со забавување на вработеноста во услови на висока инфлација и зголемена неизвесност.

„Иако растот во првата половина на 2022 година се покажа како релативно силен, јасно е дека регионот сега се движи во нова бура“, рече Сања Маџаревиќ-Шустер, виш економист на Светска банка и главен автор на извештајот. „Комбинација од шокови силно влијае на изгледите на регионот. Построгите услови за глобално финансирање, забавувањето и на домашната и на надворешната побарувачка, како и слабеењето на довербата на бизнисот и на потрошувачите сигурно ќе влијаат на финансискиот сектор во регионот“.