Како да се искористи технолошката трансформација: Над 400 учесници и повеќе од 250 компании на вториот Германско-македонски бизнис-самит
Со мотото „Применетите технологии и дигитализацијата како двигатели на економскиот развој на Северна Македонија“, вториот Германско-македонски бизнис-самит 2026, денеска, во Скопје, собра речиси 400 учесници, повеќе од 250 компании, како и високи претставници од бизнис-секторот, политиката и институциите од Северна Македонија, Германија и регионот.
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека ова е самит кој е додадена вредност во односите помеѓу македонската и германската бизнис-заедница нагласувајќи дека Германија за нас не е само бизнис-партнер, туку таа е стратешки партнер.
Директорката на AHK Северна Македонија, дел од мрежата на германските комори во светот, Антје Ванделт, изрази задоволство за големиот одѕив на посетители на самитот посочувајќи дека тој веќе се етаблира како како платформа за поврзување и зацврстување на партнерствата, но и за конкретни можности за реална економска соработка.
– Годинава се фокусираме на теми што се практични, имаат практична примена во стопанството и во индустријата. Споделивме со посетителите примери од германски, но и од македонски компании, кои се активни во делот на производство, автоматизација, логистика, доставувачи, вештачка интелигенција и дигитални процеси – изјави Ванделт.
Ванделт исто така посочи дека стопанството, не само во земјата туку и во Германија, се наоѓа пред одредени предизвици во економијата – како што се високите цени на енергијата, континуираниот раст на цените на суровините, ризиците во глобалниет синџири на доставување и проблемите во транспортната индустрија.

– Затоа е многу важно, како за домашните така и за интернационалните инвеститори, да имаме партнер во политиката што ќе ни понуди политичка рамка на која можеме да се потпреме и да сметаме. Прагматични решенија за сите овие предизвици, но исто така и понатаму да има интензивен и тесен дијалог помеѓу стопанството и државата – изјави Ванделт нагласувајќи дека Германската стопанска комора и во иднина ќе остане тука присутна за да ја даде целосната потребна поддршка на компаниите.
Премиерот Мицкоски нагласи дека Владата „сака да се профилира како Влада што е секогаш во насока на поддршка на бизнисот и на додадената вредност“ и оти тие резултати се гледаат многу јасно во првиот квартал од оваа година.
– Нешто што за нас претставува исклучително значајно, во услови на светски предизвици, во услови на геополитички предизвици, ние успеваме 3 и пол пати побргу да растеме во делот на извозот отколку кај увозот и на тој начин минусот на трговската сметка, извоз-увоз, генерално во првиот квартал, споредено со првиот квартал од минатата година, е намален за некаде 55-56 милиони евра со исклучително поволен месец март, што само е потврда на политиките што ги водиме и тоа во услови на најголемата енергетска криза што во последните 50 години го снајде човештвото – изјави Мицкоски.
Германија, според Мицкоски, за нас не е само бизнис-партнер, туку таа е стратешки партнер.
– Германските компании вработуваат илјадници македонски граѓани, тие се солидна поддршка за нашата домашна македонска економија и ние како Влада ќе сториме сè што е во наша моќ да помогнеме во таа насока, да имаме уште поголема економска билатерална соработка – изјави Мицкоски посочувајќи дека таа во првиот квартал расте како што расте и извозот од нашата земја кон Германија.

Според Мицкоски, ваквите Б2Б (бизнис-то-бизнис) настани се само добредојдени и како Влада континуирано ќе ги поддржуваме бидејќи, како што рече, ваквиот начин на вмрежување може да биде само позитивен.
Вториот Германско-македонски бизнис-самит е во организација на АХК Северна Македонија, дел од глобалната мрежа на германските стопански комори во странство заедно со Македонско-германското стопанско здружение.
Фокусот на годинешната програма на самитот беше прашањето како Северна Македонија може поефикасно да ја искористи технолошката трансформација за зголемување на продуктивноста, поттикнување на иновациите и зајакнување на својата позиција во европските синџири на доставувачи.