Ќе се преиспитуваат блоковите за потрошувачка на струја, што ќе значи тоа за сметките

Неправичност е што иста енергија се плаќа по различни цени, Не може да постојат пет цени за ист производ, вели новиот претседател на РКЕ, Ацо Ристов


Регулаторната комисија за енергетика во наредниот период ќе ја анализира досегашната примена на блоковите за потрошувачката на електрична енергија при што не ја исклучува можноста да дојде до промена на овој начин на пресметување на струјата и на сметките што ги плаќаат потрошувачите. Ова денес на брифинг со новинарите го најави новиот претсеадтел на РКЕ, Ацо Ристов, според кого „не може да постојат пет цени за ист производ“.

„Мој личен став е дека треба сѐ да се отвори. Ова прашање ќе го разгледаме, дали ќе има или ќе нема, или блоковите ќе се димензионираат поинаку, ќе направиме анализа врз основа на досегашното искуство. Блоковите се во примена неколку години и ќе видиме со искуствата од регионот како може и дали може да се направи нешто подобро, сѐ во интерес на крајниот потрошувач“, рече Ристов, посочувајќи дека „во секој случај ќе направиме анализа уште еднаш“.

На прашањето во што би се состоела новината тој рече дека е можно да се направи некој нов начин кој што ќе биде поправичен. На дополнителнот прашање, во што ја гледа неправичноста на сегашниот начин на пресметка на цената кај блоковите за потрошена електрична енергија Ристов одговори дека не може да постојат пет цени за ист производ

„Неправичност е што иста енергија се плаќа по различни цени. Оние кои што ја произведуваат енергијата, ја продаваат по иста цена, сѐ другото е социјална категорија која што треба да се усогласува со државата. Не може да постојат пет цени за ист производ“, истакна Ристов, кој дополни дека тоа не значи дека ќе се укинат блоковите туку дека ова прашање ќе се анализира, како и дека ќе се разгледаат искуствата од примената на овој систем, па потоа ќе се донесе конечна одлука.

Инаку, блок тарифите за електрична енергија во Македонија се применуваат од 1 јули 2022 година. Тоа беше воведено со новиот тарифен систем на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) во време на големата енергетска криза во Европа, со цел да се заштитат домаќинствата со помала потрошувачка, да се стимулира штедење на струја, и поголемите потрошувачи да плаќаат повисока цена за делот од потрошувачката што влегува во повисоките блокови.

Во Македонија за домаќинствата важи систем на четири блокови за електрична енергија, кој се применува само за потрошувачката во висока (скапа) тарифа.

Блокови за 2026 година

Блок      Потрошувачка (висока тарифа)               Цена на енергија

Прв блок (ВТ1) до 210 kWh        4,707 ден/kWh

Втор блок (ВТ2)               211 – 630 kWh   5,898 ден/kWh

Трет блок (ВТ3)               631 – 1050 kWh 7,854 ден/kWh

Четврт блок (ВТ4)           над 1050 kWh    19,190 ден/kWh

Ниска тарифа (НТ)          без блокови      2,189 ден/kWh

 

Ова се тарифни ставки за енергија; на сметката има и мрежарина, ДДВ, фиксни надоместоци и други ставки.

Блоковите функционираат на тој начин што доколку на пример се потрошат 700 kWh во висока тарифа, тогаш првите 210 kWh се пресметуваат по цена на прв блок, следните 420 kWh по цена на втор блок, а остатокот влегува во трет блок, односно не влегува целата потрошувачка по најскапиот блок, туку само делот што го надминува прагот.