Светот во 2020: Најлоша година за нафтената индустрија во изминатата деценија


Секторот за производство на нафта и природен гас оваа година ја помина најлошо во однос на изминатата деценија поради низа причини, од кои најважната е пандемијата. 

Според некои американски медиуми, годинава се случило отпишување на активите и намалување на пазарната вредност на нафтените компании незабележани досега во изминатото десетлетие. 

Намалената вредност на активите се должи на пандемијата на Ковид-19, но 2020 е пресудна и поради неизвесната иднина на нафтениот сектор, со оглед на продорот на електро автомобилите и обновливите извори на енергија, како и зголемета загриженост за долготрајните последици од климатските промени.  

Првите признаци за лоша година се појавија уште пролетта – пандемијата драстично ја намали побарувачката за енергенси, по затворање на производствата на многу индустриски гранки низ целиот свет, а исто така и ценовната војна меѓу ОПЕК и Русија, светски произведувачи на нафта кои неколку месеци не можеа да договорат обем на произведени количини за стабилизација на цените.  

Во три квартали годинава големите производители на нафта и природен гас биле принудени да отпишат капитал во вредност од 145 милијарди долари, најмногу за еден деветмесечен период од 2010 година. 

За споредба, во истиот период во 2015 година, кога цените на нафтата се намалија двојно споредено со почетокот на есента 2014 година, нафтените компании отпишале 72.1 милијарда долари активи, или двојно помалку.  

Кратењето на вредноста на капитализацијата и преразгледувањето на бизнисите на цел спектар енергетски компании, пред сѐ, оние кои произведуваат нафта и гас, е вообичана практика и се случува кога цените на нафтата паѓаат значително, а приливот на пари од нивните капацитети секнува. Сепак, многу од нив 2020 година ја гледаат како пресудна: соочени со неизвесна иднина околу побарувачката на нивните готови производи, со оглед на растот на електричните возила, продорот на обновливите извори на енергија и критичната загриженост од долготрајните последици на климатските промени. 

Познавчите велат дека отпишувањата, што можат кратотрајно да ја намалат вредноста на активата, во случајот со нафтените компании е многу посериозен настан сега, бидејќи тие веруваат дека цените на нафтата никогаш повеќе нема да се опорават.  

Така на пример, ископувањата на нафта и гас од шкрилци во САД, и од песок во Канада, придонесија заситување на пазарот, при што двапати во изминативе пет години имаше уривање на цените на нафтата. Последен пат кога цената на нафтата марка „Брент“, еталон на глобалниот пазар, чинеше 100 долари за барел беше во 2014 година, и најверјатно таква цена никогаш повеќе нема да се постигне. 

Во САД на пример, книговодствените правила налагаат компаниите да отпишат активи доколку предвидениот обрт на готовина е под вредноста на заложениот основен капитал на активата. 

За серизниот пад на вредноста на капиталот во нафтената индустрија говори и фактот што сумата од 145 милијарди долари отпишани активи во трите тромесечја годинава не го вклучува планираното кратење на капитал вреден 20 милијарди долари на американската „ExxonMobil, треба да се случи во четвртото тримесечје, и отпишувањето на 10 милијарди долари на американската „Chevron“, се случи буквално на крајот на 2019 година

Од своите активи во 2020 година најагресивно се откажувала англо-холандската  „Royal Dutch Shell“,  британската „ВР“ и француската „Тотаl“. Во вкупните отпишувања на активи на нафтениот пазар во 2020 година нивниот удел на кратења изнесува дури една третина. Компаниите што произведуваат нафта од американскиот континентален гребан како „Concho Resources и Occidental Petroleum“, во деветте месеци годинава се откажале од повеќе активи, споредно со сите откажани претходните четири години. 

Се дознава дека вредноста на сите отпишани активи оваа година е во висина од 10 отсто од пазарната капитализација на сите сетски компании со пазарна вредност од над една милијарда долари.  

Од „ВР“ велат дека коронавирусот ќе има долготрајно влијане врз економијата, и своите стратегии за инвестирање ги гради околу правилата конзистентни со Климатскиот договор од Париз.  

Другите компании како „ExxonMobil“ и „Shell“ отпишуваат конкретни проекти што не донеле профит, како инвестиции во американската нафта од шкрилци, мега офшор (ископување нафта и гас од морско дно) проекти или рафинериски ЛНГ (течен природен гас) проекти. Компаниите велат дека пандемијата предизвикала реструктуирање со фокус на производите со висока додадена вредност, додека се забрзуваат проектите во енергенси со ниска јаглеводородна содржина. 

Ова е најмногу истакнато во САД каде со доаѓањето на власт на новоизбраниот претседател Џо Бајден, кој го стави развојот на обновливте извори на енерија за приоритет на новата администрација, се очекува зголемен натпревар меѓу компаниите од овој сектор. Или во Европската унија, каде има стриктни регулативи за намалено користењето на фосилни горива, и наскоро се забранува употребата на возила на бензин во урбаните центри, а се зголемува употребата на електро и хибридни возила. Затоа, брзорастечкиот сектор на обновливи енергии се очекува да одземе многу од вредноста на капиталот на активите во традиционалното производство на нафта и нафтени деривати.