Европејците преговараат за снабдување со канадски течен природен гас преку Панамскиот канал
Европските купувачи размислуваат за купување течен природен гас од канадскиот пацифички брег и негов транспорт преку Панамскиот канал, како дел од долгорочната стратегија за диверзификација на снабдувањето, која доби на важност од почетокот на војната меѓу САД и Израел против Иран, велат извори.
Европските компании се во преговори за потенцијално купување течен природен гас од планираниот канадски терминал за извоз на LNG Кси Лисимс, чии инвеститори сакаат да обезбедат купувачи пред да донесат конечна одлука за проектот, велат три извори. Одлуката треба да се донесе до крајот на годината, а европските купувачи покажаа голем интерес.
Меѓу заинтересираните, според два извори, е и германската државна енергетска компанија Унипер, иако канадската индустрија за LNG традиционално гравитира кон азиските пазари, поради пократките рути и пониските трошоци за транспорт.
Енергетските гиганти Шел и ТоталЕнерџис веќе потпишаа долгорочни, 20-годишни договори за купување LNG од Си Лисимс. Канадскиот министер за енергетика и природни ресурси, Тим Хоџсон, во август изјави дека германските компании се заинтересирани за купување канадски течен природен гас (ТПГ) и негова замена за други пратки. Тие сега се заинтересирани и за преземање физички пратки канадски гас, велат изворите.
Транспортот преку Панамскиот канал значи повисоки трошоци и подолго време на испорака за европските клиенти. Покрај тоа, целиот постоечки и планиран капацитет за извоз на ТПГ на Канада се наоѓа на западниот брег, што дополнително и користи на Азија. Источниот брег на Канада, сепак, има многу ограничена инфраструктура, со исклучок на терминалот на Репсол во Сент Џон.
Овој инфраструктурен јаз е голема пречка за значителен извоз на канадски ТПГ во Европа со години.
Сепак, според извор запознаен со проектот, сегашниот конфликт на Блискиот Исток ги поттикна европските купувачи да разгледаат поскапи опции за снабдување, вклучително и канадски ТПГ, со цел да се намали зависноста од индивидуални добавувачи и да се обезбедат постабилни извори на енергија од политички „доверливи“ земји.
„Од почетокот на војната во Иран, купувачите на течен природен гас од целиот свет покажуваат поголем интерес за проектот Кси Лисимс, вклучително и оние во Европа“, рече еден од изворите. Унипер не сакаше да коментира за наводите на изворот.
Ројтерс во март објави дека германската компанија разговарала со канадските партнери за зголемување на увозот на течен природен гас. Минатата година, САД учествуваа со дури 96 проценти во увозот на течен гас во Германија, а Кси Лисимс се разгледува како една опција за диверзификација.
Сепак, проектот не претставува краткорочно решение за европските енергетски потреби. Дури и ако се усвои одлуката за инвестирање, изградбата на терминалот би траела неколку години. Канадската влада веќе го упати проектот на забрзан регулаторен процес.