Сведоштва од Буча: Луѓето плачеа кога ќе видеа леб, секој ден некој требаше да биде погребан
Драматична исповед на Владислав Козловски, жител на Буча, како руските сили ладнокрвно убивале цивили, силувале жени и ограбувале домови
Ако сакате да ја дознаете приказната зад мртвите тела, прочитајте го интервјуто со локалниот жител, Владислав Козловски, што го пренесува истражувачката мрежа „Белингкет“, кој бил очевидец на егзекуциите на локалните жители во Буча и живеел во окупираниот град еден месец. Со нив се криел во засолништето од бомби додека не дошле руските војници и ги застрелале сите кои служеле војска во 2014-2105 година или имале тетоважа на украинскиот трозабец.
„На 2 март, кога окупаторските трупи влегоа во нашиот град, со неколку пријатели бев во близина на штабот на територијалната одбрана. На сите што немавме оружје ни беше наредено да се скриеме во засолниште за бомби во близина на базата. Тоа беше заштитено со две врати, но напаѓачите ја срушија едната, а втората ја отворивме сами, затоа што сфативме дека сепак ќе упаднат. Беа претежно Руси и Белоруси.
Првите денови добро се однесуваа со нас, помагаа со храна. Пропагандата им го испрала мозокот, инаку нормални луѓе не би дошле во туѓа земја. Во тоа време во градот имаше интензивни борби и не нѐ пуштаа да излегуваме. Седевме во целосна темнина. Немаше светлина, вода или топлина, се разбира. Потоа други го зазедоа нивното место.
На 7 март ги изведоа надвор прво жените и децата, па мажите. Нѐ клекнаа на колена и почнаа да нѐ претресуваат. Ги имав парите и часовникот со мене. Зедоа сѐ, едноставно нѐ ограбија. Познаваа некои од луѓето, ги проверуваа нивните документи и ако некое лице учествувало во АТО (периодот на борбени операции во регионите Донецк и Луганск од 2014 до 2018 година во Украина) или било регистрирано во војската, веднаш го застрелуваа. Се проверуваа и тетоважите и се бараа ‘нацисти’. Дури и оние кои го имаа официјалниот грб на Украина беа стрелани. Им пукаа или во задниот дел од главата или во срцето. Меѓу нив имаше Руси и, најверојатно, Бурјати, тоа го сфатив од нивниот изглед. Мислам дека осум од нив беа застрелани. Беше страшно.

Еден мој познајник, кој немаше ништо, сепак беше застрелан при што му рекоа: ‘За да не си одиш брзо дома’. Мене ме испрашуваа каде живеат ветерани или националисти на АТО, но ништо не знаев и не можев да одговорам. На крајот бев жестоко претепан и удрен со столче по глава.
Неколку недели по окупацијата ‘кадировците’ (Чеченците) дојдоа во градот. Освен по надворешни знаци, тие се разликуваа од Русите во нивните униформи: беа или црни или темно зелени. Последната недела маршираа наутро низ станбени зони и пукаа во секој што ќе го видат, секој ден требаше некој да биде погребан. Кон крајот на март го убиле нашиот сосед, пензионер. Тој само седеше на клупа, никогаш не направил ништо лошо во животот и секако не бил ‘нацист’.
Сите ‘кадировци’ се однесуваа на брутален и варварски начин, додека Русите беа поинакви. Меѓу нив имаше многу млади мажи. Некои од нив тропаа по вратите на луѓето и бараа место за спиење, вторите едноставно ги тепаа и ги исфрлаа нивните сопственици на улица.
Ме претепаа по втор пат во средината на март. Седев кај еден пријател и пушев, а руски војник од околу 25 години влезе со автомат, изгледајќи како пијан, го впери пиштолот кон нас, почна да вика ‘Што, ја браниш Украина?’ – и почна да ме тепа. Носот ми беше скршен и имаше крв по целата облека.
My brother sent this to me. Town of Bucha northwest of Kyiv. The amount of dead citizens on one street alone…I just can’t even process. pic.twitter.com/KOSwISih6N
— Viktoriia 🇺🇸🇺🇦 (@ViktoriiaUAH) April 1, 2022
Мој познаник Сергеј Семјонов, кој има околу 40 години, реши да побегне со пријател преку фабриката за стакло во градот Ирпин. Нивните тела беа пронајдени неколку дена подоцна. Сергеј беше убиен со истрел во задниот дел од главата, а другиот беше мачен – му го исекле образот и му беше застрелано срцето, ги закопавме токму на територијата на фабриката. На 2 март во борбите за градот загинаа пет цивили: тројца мажи, една жена и еден пензионер. Нивните тела лежеа во автобус со недели и не ни дозволуваа да ги извадиме. Петмина други мажи од автобус ги натоваривме во приколката на тракторот. Додека војниците беа отсутни, возачот ископа дупка и сите ги закопа. Други двајца мажи беа застрелани од ‘кадировци’ кога тргнале со автомобилот да земат вода. Само неколку дена подоцна успеавме да ги закопаме зад гаражите, во ќебињата.


Во мојата куќа, еден постар човек почина од скршено срце. Седеше мртов и задушен на стол четири дена. И тој беше закопан во ќебе. Имаше многу такви случаи. Сигурно и самите сте ги виделе сликите од градот.
Беше многу тешко да се најде храна бидејќи немаше струја, немаше вода, немаше топлина. Имавме среќа што во нашето маало имаше приватни куќи со бунари, барем од таму да земеме вода. Ја готвевме нашата храна над камперски огнови: стававме тули и мрежи на нив, а луѓето носеа храна од дома и готвеа нешто. Ја делевме храната со сите, бидејќи многу луѓе немаа ништо, а во нашето маало имаше многу постари луѓе. Откако се врати украинската војска, јас и моето семејство успеавме да ја напуштиме Буча преку Ирпин. Преку разнесениот мост стигнавме до Киев, каде што нè засолнаа нашите познајници. Тука дури и тушот ни стана луксуз. Нема да заборавам како плачеа луѓето кога ќе видеа леб, бидејќи долго време гладуваа“.
Според друго сведоштво, документирано со видео, руските војници во едно од засолништата ги убиле дури и кучињата.
I have no words. Russians even killed dozens of dogs in Kyiv region. WHY??#RussiansWarCrimes pic.twitter.com/tvotxGUThs
— Oleksandra Matviichuk (@avalaina) April 3, 2022
Во околината на Киев е и зоолошката градина во која влегоа украинските војници по ослободувањето за да ги спасат животните во неа кои ги преживеале гладот и бомбардирањата. некои не успеале. 

Хјуман рајтс воч веќе документирале неколку случаи на кршење на законите на војната против цивили во окупираните области на регионите Чернихив, Харков и Киев во Украина. Тие вклучуваат случаи на повторено силување; два случаи на егзекуции, еден на шест мажи, другиот на еден маж; закани и насилство врз цивили… Војниците исто така биле вмешани во грабежи на цивилен имот, вклучувајќи храна, облека и огревно дрво.
„Оние кои ги извршија овие злоупотреби се одговорни за воени злосторства. Случаите што ги документиравме претставуваат неискажлива, намерна суровост и насилство врз украинските цивили“, рече Хју Вилијамсон, директор за Европа и Централна Азија на Хјуман рајтс воч кој додаде дека „силувањето, убиствата и другите насилни дејствија врз притворените луѓе од руските сили треба да се истражат како воени злосторства“.
Хјуман рајтс воч интервјуираше 10 лица, вклучувајќи сведоци, жртви и локални жители на териториите окупирани од Русија, лично или по телефон. На 4 март, руските сили во Буча, на околу 30 километри северозападно од Киев, собрале пет мажи и набргу егзекутирле еден од нив. Војниците ги принудиле петтемина мажи да клечат на патот, им ги повлекле маиците над главите и застрелале еден од мажите во задниот дел од главата.
На 6 март, руски војници во селото Ворзел, беднаш до Буча, фрлиле димна граната во подрум, а потоа застрелале жена и 14-годишно дете во глава додека излегувале од подрумот, каде што биле засолнети. Детето починало веднаш, а жената два дена подоцна. Една жена изјавила дека руски војник повеќепати ја силувал во училиште каде што таа и нејзиното семејство биле во засолниште на 13 март. Ја тепал и ѝ ги исекол лицето, вратот и косата со нож.
Сите страни во вооружениот конфликт во Украина се обврзани да го почитуваат меѓународното хуманитарно право или законите за војна, вклучувајќи ги Женевските конвенции од 1949 година, Првиот дополнителен протокол на Женевските конвенции и меѓународното обичајно право. Воените сили кои имаат ефикасна контрола на област се предмет на меѓународното право за окупација. Се применува и меѓународното право за човекови права, кое е применливо во секое време. Законите на војната забрануваат намерно убивање, силување и друго сексуално насилство, тортура и нехуман третман на заробените борци и цивили во притвор. Забранети се и грабежи. Секој кој наредува или намерно врши такви дела, или ги помага и поттикнува, е одговорен за воени злосторства. Командантите на силите кои знаеле или имале причина да знаат за таквите злосторства, но не се обиделе да ги спречат или да ги казнат одговорните, се кривично одговорни за воени злосторства како прашање на командна одговорност.
