Судиите и се закануваат на Владата со судски процес ако им ги намали платите


Управниот одбор на Здружението на судии на Македонија реагираше за најавените измени на Законот за плати на судии и Законот за плати на членовите на Судски совет во скратена постапка, кои се на дневен ред на денешната седница на Собранието. Управниот одбор на Здружение на судиите смета дека е неприфатлив ваквиот „нетранспарентен начин на работа и одлучување на Собранието на РСМ, без соодветна јавна дебата и вкучување на засегнатите страни, за уште еден од низата закони кои се однесуваат на судската власт како независна и самостојна власт“. Затоа, Управниот одбор бара да се повлечат двата предлог закони  и да се овозможи поширока дебата и содветни консултации на националната и меѓународната регулатива, „во која се востановени гаранции за постојаноста на платите на судиите, како легитимни и загарантирани очекувања“.

-Овој интервенционизам под плаштот на најдобриот општ интерес, преку таканареченото статус – кво на платите на судиите, замислен преку намалување на коефициентите како еден од основните сегменти за определување на личните примања на судиите, претставува директен атак врз судската независност и самостојност, од причина што намалувањето на коефициентот за определување на платите на судиите претставува намалување на примањата како легитимини очекувања на судиите, спротивно на веќе воспоставените правни гаранции за платата на судиите и членовите на Судскиот совет на РСМ.

Наместо очекуваното зголемување на коефициентот договорен низ шестгодишен дијалог на ЗСРСМ и Владата на РСМ, денес сме сведоци на суспендирање на договореното, сега веќе со образложение дека е обезбедено издржливо уставно решение. Од тие причини, уште еднаш го повикуваме предлагачот да ги повлече овие измени, со што ќе се евитираат непотребните трошоци по буџетот на државата, при евентуална реакција на судиите во соодветни судски постапки. Несогласувајќи се со овој пристап, Здружението на судиите ќе ги употреби сите можни правни и останати средста за суспензија на овие евентуални законски измени, кои ги доведуваат во прашање загарантирани лични примања на судиите, стои во реакцијата.