Студија: Оженетите мажи имаат 3,2 пати поголеми шанси да бидат дебели од неоженетите


Бракот тројно го зголемува ризикот од дебелина кај мажите, покажа едно полско истражување. Истражувањето кое ќе биде претставено на Европскиот конгрес за дебелина во Шпанија во мај, било спроведено на 1.200 парови во Полска и покажало дека ризикот од прекумерна тежина во бракот е зголемен за двата пола, но ситуацијата е особено акутна кај мажите.

Истражувачите заклучија дека кога се во брак, ризикот од прекумерна тежина се зголемува за 62 отсто кај мажите и 39 отсто кај жените, во споредба со оние кои не се во брак, пренесе Хина.

Оженетите мажи имаат 3,2 пати поголема веројатност да бидат дебели од слободните мажи, а таква разлика не е забележана меѓу мажените и слободните жени.

Ова потенцијално се објаснува со културните разлики во ставовите кон дебелината меѓу двата пола, се вели во студијата.

Ризикот исто така се зголемува со возраста.
Студијата заклучи дека ризикот од дебелина исто така се зголемува со возраста. Секоја година, заканата од прекумерна тежина се зголемува за три проценти кај мажите и четири проценти кај жените. Ризикот од дебелина сепак се зголемува за четири отсто кај мажите и шест отсто кај жените, пишува агенцијата Дпа.

Дебелината се дефинира како индекс на телесна маса од 30 или повеќе, а прекумерната тежина се дефинира како индекс од 25 до 29,99.

Истражувањето го водела докторката Алича Цича-Миколајчик од Националниот институт за кардиологија во Варшава. „Возраста и брачниот статус имаат непобитно влијание врз прекумерната тежина или дебелината во зрелоста, без разлика на полот“, заклучува студијата.