Студија на ЕУ го посочува Христијан Мицкоски како извор на дезинформации


Фото: Б. Грданоски

Профилот на социјалните мрежи на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е наведен заедно со оние на Миленко Неделковски и Никола Груевски како извор на дезинформации. Во студија на ЕУ се наведуваат и повеќе македонски медиуми

 

Дезинформациите остануваат моќна сила кои ги нарушуваат состојбите во внатрешната политика во Северна Македонија, иако по промената на власта тие се истуркани на маргините, се наведува во студија објавена на страницата на Европскиот парламент, пишува Дојче веле. Студијата е изработена од страна на Генералниот директорат за надворешна политика на Европската унија по нарачка на Европскиот парламент и објавена на неговата интернет-страница под наслов „Мапирање на лажните вести и дезинформации на Западниот Балкан и идентификување начини за борба со нив“.
Во неа поименично се наведуваат медиумите финансирани од унгарски бизнисмени во Северна Македонија како главни извори на дезинформации, но исто така се посочува и на профилите на социјалните медиуми на повеќе личности, меѓу нив и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„За разлика од повеќето земји во регионот, каде медиумскиот пејзаж е релативно стабилен веќе една деценија и повеќе, во Северна Македонија имаше две значајни промени во структурата на нејзиниот медиумски систем, и обете имаа последици за продукцијата и ширењето на дезинформации“, се наведува во анализата.
Според студијата, првата значајна промена се случила за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, и особено во последните години од тоа владеење, кога водечките медиуми биле под строга контрола на партијата и биле вмешани во „речиси сите дезинформациски активности на партијата“.
Нивната цел, се наведува во студијата, била да се дискредитираат политичките противници и да се промовираат националистички и честопати антизападни, ставови. По промената на владата, клучните телевизии ја промениле уредувачката политика, и известувањето станало побалансирано и професионално. 

„Дел од некогаш проминентните извори на дезинформации и кампањи за дискредитација и понатаму се активни, но немаат пристап до мејнстрим медиумите. Тие се сега маргинализирани и можат да се најдат само на одредени Тв канали или на сопствени ЈуТуб канали, со намален опсег“, се наведува во студијата.
Вториот фактор кој има улога во ширењето дезинформации, според студијата, е засилената инвестициска активност од Унгарија на македонскиот медиумски пазар.
Во тој дел, студијата го наведува купувањето на неколку македонски медиуми чии сопственици биле блиски до ВМРО-ДПМНЕ и кои претходно биле примарни извори на провладина пропаганда: ТВ Алфа, и порталите „Курир“ и „Република“; од страна на унгарски државјани поврзани со тамошниот провладин медиумски пазар.

„Откако ВМРО-ДПМНЕ е во опозиција, овие медиуми се вмешани во бројни дезинформациски кампањи, не само за дискредитација на Владата на СДСМ, туку и за поткопување на Преспанскиот договор со Грција и другите евро-атлантски напори на земјата“, се наведува во студијата.

Анализата идентификува неколку клучни дезинформациски кампањи, како во медиумите на македонски, така и во медиумите на албански јазик. За првата, „испреплетена кампања“ за поткопување на поддршката за референдумот за промена на името, студијата како главен извор го идентификува порталот Република и, во помала мерка, рускиот портал Спутник. Понатаму се споменуваат и постојаните кампањи за наводни закани кон македонскиот идентитет, дезинформации во кои се мешаат анти-бугарски, анти-грчки, анти-албански чувства;  наводи дека НАТО ќе наметне употреба на 5Г технологија со штетни последици за здравјето и јавната безбедност. Понатаму, се наведува дека „медиумите поврзани со Русија и Унгарија“ ширеле стравови од Голема Албанија уште од 2017 година по изборот на Талат Џафери за собраниски спикер, како и по донесувањето на законот за употреба на јазиците.
Студијата заклучува дека дезинформациските кампањи во Северна Македонија имаат важна компонента поврзана со социјалните медиуми, но воглавно се потпираат врз традиционалните медиуми, особено врз локалните и општинските медиуми, весниците и магазините, како и на телевизијата, за нивно ширење. 

Мејнстрим медиумите повеќе не се сметаат за главен извор на дезинформации, но студијата ја наведува ТВ21 која, „иако се смета за квалитетна телевизија, била вмешана во ширење дезинформации за Ковид-19″.
„Другите големи дезинформациски канали, откриени во нашата анализа на социјалните мрежи, го вклучуваат интернет-порталот ‘Инфомакс’ и профилите на социјалните мрежи поврзани со кампањата за бојкот на референдумот, како и на познати личности, меѓу кои и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, анти-западниот коментатор Миленко Неделковски и поранешниот премиер Никола Груевски“, се наведува во студијата на Европскиот парламент. (Дојче веле)