Студентите извикуваа „Уаа!“ при говорот на Јаневска на собирот за жртвите од Кочани. Таа си замина

Министерката за образование го прекина говорот на платото во УКИМ откако на неколкумина студенти им се слоши, а потоа се замина


 

Говорот на министерката за образование, Весна Јаневска, на платото во УКИМ, како и претходно на ректорката Биљана Ангелова, беше прекинат затоа што меѓу насобраните студенти на нeколкумина им се слоши.

Беше повикана брза помош, а се бараше и од студентите по медицина да им помогнат на своите колеги. 

По интервенцијата на лицата на кои им се слошило, студентите извикуваа „Уаа, уаа!“, по што министерката замина и не продолжија говорите.

Инаку, денеска во 12 часот пред платото на УКИМ студентите се собраа да запалат свеќи за жртвите од пожарот во дискотеката во Кочани, да положат цвеќиња и да искажат поддршка на повредените.

Беа поставени и пунктови за донации и книга на жалост пред Правниот факултет.

„Занемени сме од тага, шок неверување, немоќ, не ни останува ништо друго освен да го покажеме нашето заедништво. Од името на УКИМ и од мое лично име изразувам најдлабоко и најискрено сочуство. Нивната загуба е и наша, колектива. Ве повикувам да ј апокажеме нашата хуманост и солидарност“, рече ректорката Билјана Ангелова.

Нејзиниот говор беше прекинат за да помине медицинска екипа.

Ректорката потоа извести дека студентот на кој му се слошило е добар и укажана му е помош, а се бараше и да му се однесе сок.

Потоа се обрати и министерката за образование Весна Јаневска, која им се заблагодари на студентите за нивното приуство.

„Овде сме сите заедно за да им помогнеме на живите да ја преболат тагата“, рече таа.

И говорот на министерката беше прекинат. Претседателот на студентите при УКИМ извести дека повикани се неколку амбулантни возила. А толпата насобрани студенти почна со извици „Уа, уа“ при што министерката си замина и не го продолжи говорот.

Претседателот на студентското собрание рече дека ова не е протест туку собир кој треба да помине во мир и тишина, а порача дека цела недела ќе породлжат собирите, при што ги повика сите да присуствуваат.