Струјата поскапува за 9,48 проценти, се укинува дневната евтина тарифа
Реалното зголемување ќе беше многу поголемо, но успеавме да скратиме многу трошоци, а Владата презема обврска да им помогне на државните компании во наредниот период, истакна Бислимовски.
Цената на електричната енергија за домаќинствата ќе се зголеми за 9,48 проценти, а од 1 јануари се укинува и дневната евтина тарифа, соопшти денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), Марко Бислимоски.
Како што рече Бислимовски на прес-конференција, ова е една од најтешките одлуки што ги донела РКЕ од своето постоење.
– Реалното зголемување ќе беше многу поголемо, но успеавме да скратиме многу трошоци, а Владата презема обврска да им помогне на државните компании во наредниот период, истакна Бислимовски.
Според него, евтината тарифа во текот на ноќта и во недела остануваат и никогаш не биле доведени во прашање.
Доколку се оставеше дневната евтина тарифа, струјата ќе поскапеше за околу 14,2 проценти, рече Бислимоски.
Ова е една од најтешките одлуки кои што ги донела Регулаторната комисија за енергетика од своето постоење.
Елаборирајќи ја одлуката, Бислимоски рече дека реалното зголемување на цената на електричната енергија требаше да биде околу 25 проценти.
„РКЕ бараше од сите чинители во електроенергетскиот сектор солидарност. Тоа подразбира од ЕСМ, од МЕПСО, од Електродистрибуција, од ЕВН Хоум, од Владата и се разбира од потрошувачите“, рече тој.
Она што успеа РКЕ да направи е следното – прво, 25 милиони евра за обновливи извори се тргнати како трошок во оваа одлука за цената на електричната енергија. Произведената електрична енергија од обновливите извори ќе ја откупуваат снабдувачите со електрична енергија по цена од околу 105 евра за мегават час, со што се дава сигнал и кај останатите потрошувачи во државата кои што откупуваат електрична енергија на слободниот пазар дека е обезбедена одредена количина по далеку пониска цена од онаа на берзите, пред се на берзата во Унгарија.
„Предвидувањата се дека за месец јануари ќе имаме околу 280 евра за мегават час. Значи, тие се први 25 милиони евра кои што се тргнати да не прават притисок врз цената на струјата за домаќинствата“, рече Бислимоски.
Тој додаде дека како што ветуваа, РКЕ ја разгледа опцијата за намалување на профитите на компаниите кои што инаку се гарантирани согласно методологијата која што пак е усогласена со европското законодавство.
„Профитите кај МЕПСО и Електродистрибуција се намалени за 90 проценти што изнесува околу 21 милион евра кои се тргнати за да не бидат на товар на граѓаните. Исто така инсистиравме ЕСМ да ги обезбеди 100 проценти потребите на домаќинствата Значи, во оваа наша калкулација не се внесени никакви трошоци за увоз. И целокупните потреби пред се за домаќинствата ќе бидат обезбедени од ЕСМ и тоа некаде за 41 евро за мегават час, што претставува сериозен успех имајќи предвид колкави се цените на светскиот пазар“, рече Бислимоски.
Исто така РКЕ, имајќи предвид дека компаниите Електродистрибуција и МЕПСО имаат значително зголемени трошоци за набавка на електрична енергија за покривање на загубите побара во наредниот период Владата да им помогне пред се на државните компании за да ја задржат ликвидноста.
„Калкулираме дека набавната цена за покривање на загубите ќе изнесува 143 евра за мегават час, тоа е просек во цела година се со една цел, иако компаниите побараа многу повеќе – Електродистрибуција побара 220 евра за мегават час, а цената на струјата за покривање на загубите кај МЕПСО е исто така над 200 евра за мегават час. Но, нашите предвидувања се дека во текот на годината сето ова ќе успее да се стабилизира“, појасни Бислимоски.
На снабдувачите, наместо да плаќаат 250 – 260 евра, дадени им се годишно околу 240 милиони киловат часови по 105 евра за мегават час, објасни Бислимовски и подвлече дека секоторот не може да издржи загуба на 100.000 евра за еден ден.
Компаниите не се задоволни од одлуката на РКЕ, но се свесни, рече Бислимовски, дека ако има драстично поскапување, нема да соберат пари од потрошувачите зашто ќе се намали степенот на наплата.