Стрелачки клуб од Прилеп продавал оружје на лица без дозволи, а поседувал и оружје без дозвола


ОВР Прилеп, во координација со Одделот за криминалистичка полиција – Единица за недозволена трговија со оружје, опасни материи и радиоактивен материјал, реализираше случај поврзан со недозволена трговија со оружје сторена од стрелачки клуб од Прилеп.

На 6 мај 2026 година до Основното јавно обвинителство Прилеп е поднесена кривична пријава против управителот К.Ч.(43) од Прилеп, ракувачот со оружје Т.Д.(73) од Прилеп, како и против стрелачкиот клуб, поради сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ по член 396 од Кривичниот законик.


Според МВР, во периодот од 26 до 29 јануари 2026 година бил извршен увид по наредба на јавен обвинител, при што во просториите на стрелачкиот клуб биле пронајдени пет малокалибарски пушки за кои не постоела соодветна дозвола.

Истрагата утврдила и дека управителот и ракувачот со оружје, како членови на управниот одбор, вршеле продажба на огнено оружје сопственост на клубот на лица кои немале дозвола за поседување оружје.

Во рамки на акцијата, на 6 мај од стрелачкиот клуб биле одземени околу 70 малокалибарски пушки, 10 малокалибарски пиштоли, како и поголема количина пневматско оружје, со цел поведување управна постапка пред надлежен орган.