Масовна тепачка во Прилеп: Приведени осум лица, напад и во Итна помош


Илустрација

СВР Битола информира дека синоќа во Прилеп биле приведени осум лица по физички напад врз татко и син, кој продолжил и во Итната медицинска помош.

Според полицијата, на 25 мај околу 22:15 часот на улицата „Трајко Тарцан“ во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп ги лишиле од слобода Џ.У.(31), Џ.У.(52), Е.У.(35), А.У.(58), Е.У.(36) и еден 17-годишен малолетник, сите од селото Пресил, крушевско, како и С.К.(52) и Х.К.(18) од селото Саждево, крушевско.

Според пријавата, околу 19:30 часот С.К. и неговиот син Х.К., движејќи се со автомобил „пасат“ кон селото Саждево, биле пресретнати од автомобил „бмв“ управуван од Е.У., кој е зет на пријавителот, по што физички ги нападнал.

Подоцна, таткото и синот побарале лекарска помош во Итната медицинска помош во Прилеп, каде, според полицијата, повторно биле нападнати од Џ.У., Џ.У., Е.У., А.У., Е.У. и малолетникот, при што биле употребени метални и дрвени предмети.

Од МВР велат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.