Странските медиуми за антифашистичкиот марш во Хрватска: „Свртувањето кон десницата почна со Пленковиќ“
Денешниот протестен марш организиран од иницијативата „Обединети против фашизмот“, кој се одржа во Загреб, Риека, Задар и Пула, е тема која ја обработуваат и странските медиуми. Францускиот „ Монд“ објавува дека неколку илјади луѓе се собрале на антифашистичкиот марш против ревизионизмот од Втората светска војна и растот на екстремно десничарските ставови во Хрватска.
Во последните месеци, Хрватска е сведок на зголемени обиди на десничарските националисти да ја наметнат својата идеологија, со инциденти насочени кон етничкото српско малцинство и јавна употреба на поздравот на пронацистичкиот режим по повод Втората светска војна. На почетокот на ноември, маскирани мажи прекинаа српски културен настан во Сплит, повторувајќи го усташкиот поздрав, објавува „ Монд“.
Односите со етничките Срби во Хрватска се чувствителни уште од војната во раните 1990-ти. Во тоа време, бунтовничките Срби беа поддржани од Белград и тие се спротивставија на хрватската независност.
Стотици илјади луѓе се собраа во Загреб во јули на концерт на ултранационалистичкиот пејач Марко Перковиќ Томпсон. Една од најпознатите песни на Томпсон започнува со усташкиот поздрав, а неговите обожувачи често носат соодветни симболи.
Во деновите по концертот, двајца пратеници го извикуваа поздравот од собраниската говорница, додека во октомври во парламентот се одржа тркалезна маса на која се намали бројот на жртви во хрватските логори на смртта од Втората светска војна, потсетува „ Монд“.
Организаторите на маршот денес нагласија дека фашистите повеќе не се срамат и повикуваат на отпор кон насилството, историскиот ревизионизам и заплашувањето.
Асошиетед прес, исто така, известува за илјадници луѓе кои се придружија на протестните маршеви против растечкото десничарско движење по серијата инциденти што ги засилија етничките и политичките тензии во земјата. Насобраните скандираа „Сите сме антифашисти!“, ветувајќи дека ќе се спротивстават на она што го нарекоа обиди на десничарските групи да шират страв и да ги замолчат противниците.
Тие ги повикаа властите да ги ограничат активностите на крајно десничарските групи и нивната честа употреба на профашистички симболи поврзани со пронацистичката марионетска држава од Втората светска војна, одговорна за концентрационите логори во кои беа убиени десетици илјади Срби, Евреи, Роми и антифашистички Хрвати, објавува АП.
„Сè што се случува околу нас е многу опасно“, им рече новинарката Маја Север на луѓето во Загреб. „Покажавте дека нема да молчите и дека ќе се бориме за демократско општество“, додаде таа.
Групи млади мажи облечени во црно се појавија на контрапротести во Риека и Задар, извикувајќи навреди и фрлајќи петарди и црвена боја кон демонстрантите. Протестите доаѓаат по екстремистичките инциденти во ноември, насочени кон српски културни настани во Загреб и Сплит, зголемувајќи стравувања од етничко насилство децении по војната меѓу Србите и Хрватите од 1991 до 1995 година, објави АП. Екстремистите, исто така, ги нападнаа либералните групи, политичарите и странските работници во Хрватска. Тие често го користат поздравот „За дом спремни“ од нацистичката усташка држава што владееше со Хрватска за време на Втората светска војна, објави АП.
„Имаме групи кои фрлаат димни бомби и петарди и се закануваат со насилство, кревајќи ја десната рака во воздух и извикувајќи ‘За дом спремни’. Тие го прават тоа слободно“, изјави за ХРТ Ива Даворија, организаторката на маршот во Задар.
АП вели дека свртувањето кон десницата во Хрватска започнала откако владејачките конзервативци на премиерот Андреј Пленковиќ формираа коалиција со крајно десничарската партија Татковинско движење по парламентарните избори минатата година, оставајќи ја партијата на етничките Срби надвор од владата за прв пат по долго време.
Премиерот Пленковиќ ги отфрли обвинувањата дека замижува пред порастот на десничарскиот екстремизам и неофашистичкиот говор на омраза. Од друга страна, тој ја обвини левичарската опозиција дека го преувеличува проблемот и со тоа ги продлабочува поделбите, додаде АП.