Стотина медиумски организации го повикаа Трамп да не ги ограничува визите за странските новинари

Париз – Стотина меѓународни медиумски и новински организации денеска ја повикаа американската администрација да се откаже од планот за скратување на траењето на визите за странските новинари во САД, бидејќи тоа „би ги поткопало обемот и квалитетот на известувањето“ за земјата.
„Ова ќе наштети на глобалниот углед на Америка, наместо да го зајакне“, напишаа потписниците на отвореното писмо, меѓу кои се Би-Би-Си (Велика Британија), ЗДФ (Германија), АФП (Франција), новинските агенции Асошиејтед Прес и Ројтерс, како и групите за правата на печатот „Репортери без граници“ (РСФ) и „Меѓународна федерација на новинари“ (ИФЏ).
Кон крајот на август, администрацијата на Доналд Трамп, како дел од заострувањето на ограничувањата за легална имиграција во САД, предложи и скратување на престојот на странските студенти и новинари.
Престојот на странските новинари во САД би бил ограничен на 240 дена по виза, со можност да поднесат барање за продолжување за уште толку. Само престојот на кинеските новинари би бил ограничен на 90 дена. Досега, САД им одобруваа на новинарите визи со траење до пет години.
Ова намалување на времетраењето на престојот преку виза „би го нарушило докажаниот систем, би создало нестабилност за дописниците и нивните семејства и би ги намалило обемот и квалитетот на известувањето од САД“, предупредија потписниците на отвореното писмо.
„Со тоа што поминуваат години, а не месеци, на терен, новинарите стекнуваат длабоко знаење, контакти и искуство, неопходни за да ѝ ја објаснат Америка на публиката ширум светот“, додаваат тие.
„Предложеното скратување на престојот на новинарите се заканува светот помалку да знае за САД, а ривалските држави и моќните противници ќе ја пополнат таа празнина со наративи за САД кои служат на нивните интереси, а не на вистината“, наведоа потписниците.
Меѓу потписниците се јавните медиуми (Франс Телевизија, Радио Франс, австралискиот Еј-Би-Си), националните весници (канадскиот Глоуб енд Мејл, ирскиот Ајриш Тајмс) и Корејското здружение на весници.