Бизнисмените кои се вакцинираа во Србија и втората доза ќе ја примат таму
Стопанствениците кои што втората половина на март се вакцинираа во Србија преку Стопанската комора на Македонија, втората доза од вакцината исто така ќе ја примат во оваа соседна земја, било договорено неодамна.
Како што е познато, во текот на два дена (27 и 28 март годинава), повеќе од 2.000 македонски стопанственици од над 1.000 компании – членки на Стопанската комора на Северна Македонија беа вакцинирани во акцијата која ја организираше Комората во соработка со Стопанската комора на Србија, во рамките на Коморскиот инвестициски форум. За македонските стопанственици, вакцинацијата се одвиваше во спортскиот центар „Чаир“ во Ниш. Тие беа вакцинирани со „АстраЗенека“, која во Македонија се аплицира само кај граѓани над 60 годишна возраст, па веројатно тоа е и причината за ваквата одлука.
Инаку, во оваа наша соседна земја се вакцинираа вкупно околу 15.000 македонски државјани, според податоците кои ги соопшти на 20 април српскиот министер за здравство Златибор Лончар по средбата со министерот Венко Филипче во Белград.
Покрај организираната акција за вакцинација на стопанствениците преку најголемите комори на двете земји, тие денови имаше и голем број други граѓани и стопанственици кои заминаа во Србија самоиницијативно. Најголемиот број од нив исто така беа вакцинирани со „АстраЗенека“, иако има и такви кои примија вакцини и од другите производители, како „Спутник В“, „Синофарм“ и „Фајзер/БионТек“.
Вакцинирањето на стопанствениците се наметнува како еден од најважните услови за нормализирање на економските текови и размената меѓу земјите од регионот, и зголемување на мобилноста.
Како што дознаваме, вакцинацијата денес ќе биде тема и на редовната средба во Владата помеѓу претставниците на четири стопански комори – Стопанската комора на Северна Македонија, Сојузот на стопански комори, Стопанската комора на северозападна Македонија и МАСИТ, со вицепремиерот Фатмир Битиќи во рамки на јавно-приватниот дијалог.
Една од темите за која што се интересираат стопанствениците е со кој вид вакцини се планира да бидат имунизирани против КОВИД-19, но и за примањето на втора доза вакцина во Македонија, за оние кои првата доза ја примиле во Србија. Неофицијално, оние стопанственици кои се уште не се вакцинирале преферираат тоа да бидат вакцини кои се признаени до Европската унија, со цел да можат да патуваат без да прават ПЦР тестови.
Дали од Министерството за здравство ќе им излезат во пресрет на ваквите желби не е познато, со оглед на ограничената понуда на вакцини кај нас и досегашната практика да се аплицира вакцината која е достапна во моментот. Како што е познато, повеќе државни функционери се вакцинираа со кинеската или со руската вакцина, а тие исто така патуваат во странство.
Што е однесува до можноста втората доза од вакцините да се прими во земјава, министерот Филипче неодамна изјави дека тоа ќе биде можно за „Спутник“, „Фајзер“ и „Синофарм“, но не и за „АстраЗенека“, со оглед на ограничувањата поврзани со возраста кај нас.
Јавно-приватниот дијалог меѓу Владата и претставници на четирите комори е редовна средба која се одржува еднаш мессечно и на која се дискутира на најразлични теми, како и за идеи и предлози кои се од интерес на стопанството.