СТО: Обемот на светската трговија најнизок во последните 80 години


Трговијата што е во согласност со прописите на Светската трговска организација (СТО) опадна на најниско ниво од крајот на Втората светска војна, предупреди генералната директорка на органзиацијата, Нгози Оконџо-Ивеала.

Американскиот претседател, Доналд Трамп, годинава воведе високи царини за голем број трговски партнери што предизвика лавина од одговори и поттикнувајќи тензии во трговските односи.

Во такви услови, уделот на трговијата што ги следи прописите на СТО опадна од 80 на 72 проценти, што е најниско ниво од крајот на Втората светска војна.

Според СТО, меѓународниот трговски систем се темели на принципот „најповолна нација“, според кој најповолниот пристап до пазарот на одредена земја треба автоматски да важи за сите други, како што е наведено на веб-страницата на СТО.

„Сведоци сме на најголемото нарушување на прописите за светска трговија, без преседан во последните 80 години“, рече Нгози Оконџо-Ивеала во интервју за Ројтерс на почетокот на нејзиниот втор мандат на чело на СТО.

„Затоа, не е изненадувачки што некои го доведуваат во прашање глобалниот трговски систем“, додаде шефицата на СТО, нагласувајќи дека повеќе од половина од размената сè уште ги следи регулативите.

„Сè уште сме далеку од 50 проценти“, заклучи таа.

Во 2026 година последиците од нарушувањето би можеле да бидат поизразени, бидејќи бранот нарачки од првата половина од оваа година слабее, предупредува таа.

На почетокот на август, СТО ја зголеми својата проценка за растот на светската трговија оваа година од 0,2 на 0,9 проценти, истакнувајќи ги подобрените макроекономски услови и скокот на нарачките од компаниите во САД кои се обидоа да ги превенираат најавените тарифи.

Во 2024 година, обемот на размена се зголеми за 2,9 проценти.

„Светската трговија покажа отпорност на голем број шокови, вклучително и неодамнешните зголемувања на тарифите“, рече Оконџо-Ивеала.