Стигна сметката за помалите акцизи и ДДВ, ребалансот на Буџетот со намалени приходи и зголемени расходи
Вкупните расходи ќе изнесуваат 425,2 милијарди денари, или 6,9 милијарди евра, додека вкупните приходи ќе изнесуваат 379,2 милијарди денари или 6,16 милијарди евра. Буџетскиот дефицит се ревидира на 46,1 милијарда денари (или 749,6 милијарди евра) односно на 4,1 процент од БДП
Глобалната економска криза и мерките што ги донесе Влада се рефлектираат и врз јавните приходи и расходи, па ребаланот на Буџетот кој денеска го усвои Владата ќе биде со помали приходи од првично проектираните, но со зголемени расходи што значи и поголем буџетски дефицит. Вкупните расходи ќе изнесуваат 425,2 милијарди денари, или нешто повеќе од 6,9 милијарди евра, додека вкупните приходи ќе изнесуваат 379,2 милијарди денари или 6,16 милијарди евра, што значи дека буџетскиот дефицит се ревидира на 46,1 милијарда денари (или 749,6 милијарди евра) односно на 4,1 процент од БДП. Сето ова под претпоставка, како што очекува Владата, годинава економскиот раст да изнесува 3,5 проценти (во првиот квартал растот на БДП беше 3,1 проценти), и при повисока инфлација од 4,5 проценти.
Она што паѓа в очи е што и покрај повисоката инфлација од првично проектираната кај основниот Буџет (од 2,5 отсто) Владата очекува помалку приходи во државната каса. Владата исто така го намали оптимизмот од почетокот на годинава дека БДП ќе порасне за 3,8 отсто, скаструвајќи ги проекциите за 0,3 проценти поени. Инаку, основниот Буџет за 2026 година, усвоен кон крајот на минатата година, предвидуваше вкупни расходи од 6,78 милијарди евра, како и вкупни приходи од околу 6 милијарди евра.
„Ребалансот на Буџетот го подготвивме во услови кога на Македонија ѝ е потребен забрзан раст и политики кои ќе гарантираат развој, затоа нашиот фокус останува реализација на капиталните инвестиции, кои ќе донесат поквалитетен живот за граѓаните“, изјави денес на прес конференција министерката за финансии Гордана Димитреска Кочоска, посочувајќи дека растот во првиот квартал бил предводен од услужниот сектор, градежништвото и земјоделството, а до крајот на годинава главен носител на растот ќе бидат инвестициите, за кои се проектира реален раст од 7,2 проценти, поттикнат од реализацијата на инфраструктурните проекти, капиталните инвестиции и проектите во општините.
Таа рече дека обврска на Владата е навреме да реагира и да ги усогласи буџетските проекции со реалните економски движења, истовремено обезбедувајќи средства за исполнување на законските обврски, поддршка на граѓаните и продолжување на инвестицискиот циклус.
Во однос на буџетските приходи таа објасни дека даночните приходи остануваат на речиси првобитно планираното ниво и се проектирани на 213,2 милијарди денари, што сепак, е намалување од околу 900 милиони денари, односно за 0,4 проценти во однос на проекциите од почетокот на годинава.
„Ова намалување е резултат на ревидираните приходи од акцизи и корекции во ДДВ“, појасни министерката.
Таа рече дека приходите од акцизи од првично проектираните 35,8 милијарди денари се ревидираат на 34,2 милијарди денари, односно се намалуваат за околу 1,6 милијарди денари.
„Причината е јасна, Владата донесе одлуки за намалување на акцизите на нафтените деривати со цел да ги ублажи последиците од растот на светските цени на горивата и да им помогне на граѓаните и компаниите полесно да се справат со ценовните притисоци“, рече Димитриеска Кочоска.
Истовремено, како што додаде, неданочните приходи бележат значително подобрување, се зголемуваат за околу 2 милијарди денари, што е резултат на подобрата реализација на административните такси, концесиите и поголемото користење на сопствените приходи од страна на буџетските корисници.
Исто така пораст има и кај донациите за околу 2,7 милијарди денари, најмногу поради реализација на конкретни проекти вклучително и проектите што се финансираат преку претпристапните фондови на ЕУ.
„Овие бројки потврдуваат дека и покрај предизвиците, приходната страна на Буџетот останува стабилна“, уверува Димитриеска Кочоска.
Во однос на расходите, таа рече дека тие се ревидираат на 425,2 милијарди денари (односнооколу 6,9 милијарди евра, што е зголемување во однос на првиќните проекции кои предвидуваа дека државата годинава ќе потроши околчу 6,78 милијарди евра)
„Овие дополнителни средства ги насочуваме кон јасно дефинирани приоритети, обезбедуваме дополнителни средства за земјоделски субвенции, субвенции во железнички сообраќај, поддршка на спортот, ученичкиот и студентскиот стандард“, рече Димитриеска Кочоска.
Таа додад дека се обезбедува дополнителна поддршка и за најранливите категории граѓани, преку средства за социјални надоместоци, заштитини друштва, народни кујни и мерки за деинституционализација.
„Со ребалансот кај расходите за стоки и услуги вршиме намалување од околу 900 милиони денари преку реалокација на средствата и нивно насочување кон приоритетните потреби“, рече министерката.
Како што нагласи, особено значајно е што се обезбедуваат дополнителни средства за капитални инвестиции кои достигнуваат околу 46 милијарди денари и се зголемуваат за околу 5,8 милијарди денари, односно за 14,5 отсто во однос на иницијалниот буџет.
„За прв пат корекцијата на дефицитот е резултат пред се на повисоките капитални расходи и инвестициите во инфраструктурата, зборуваме за дефицит кој ќе финансира развој“, рече Димитриеска Кочоска.
Таа појасни дека има зголемување за 0,6 процентни поени во однос на иницијалната проекција, со што буџетскиот дефицит се ревидира на 46,1 милијарда денари односно на 4,1 процент од БДП.
„Не зборуваме за дефицит кој што финансира тековна потрошувачка, туку за дефицит кој финансира развој“, рече Димитриеска Кочоска, додавајќи дека средствата се насочени кон реализација на капитални проекти од стратешко значење, што ќе остане принцип на работа на оваа влада.
Таа додаде дека во патната инфраструктура продолжува реализацијата на Коридорот 8 и коридорот 10 – Д, автопатот Скопје – Блаце, како и подобрување на локалната патна инфраструктура.
Во железничката инфраструктура продолжува изградбата на источниот дел од железничкиот Коридор 8, делницата Бељаковце – Крива Паланка, како и проектот за заеднички железнички гранични премини и железничка станица Табановце.

Во областа на животната средина и комуналната инфраструктура ќе се инвестира во изградба на водоводни и канализациски системи, пречистителни станици во повеќе општини, регионални системи за управување со отпад, изградба на центрани и локални капацитети за управување на отпад и продолжување на пречистителната станица за отпадни води во Скопје.
Во енергетиката го продолжува проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, во образованието, за детската заштита обезбедени се средства за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, детски градинки, училишта и спортски сали, рекоснтрукција на студентски и ученички домови и инвестиции во универзитетска и спортска инфраструктура.
Во земјоделството продолжуваат инвестициите за рурален развој, изградба и рехабилитација на системи за наводнување, модернизација на земјоделството, изградба на откупно дистрибутивни центри и инвестиции за подобрување на конкурентноста на земјоделските стопанства… (М.Ј.)