„Стела“: „Љубојна“со прво винил издание на филмска музика во Македонија

„Стела“ е насловено новото македонско винил-издание со оригинална музика на Оливер Јосифовски, во изведба на групата „Љубојна“. Винилот е издаден за дискографската куќа ПМГ Џез.
Музиката е напишана за истоимениот филм на режисерот Стојан Вуисиќ, со Дејан Лилиќ, Тони Михајловски, Петар Маниќ и Христина Поповиќ во главните улоги.
Инаку, ова е 13-ти албум и втор винил на групата, а наедно е и прва издадена плоча со филмска музика на домашната сцена досега. „Каранфил невесто“ е носечката тема од албумот, чиешто видео „Љубојна“ исто така неодамна ѝ го претстави на публиката.
Во август, на второто издание на фестивалот „Крај Вардарот Џез“ беше одржана концертна промоција на новиот албум (винил) . Наедно, „Љубојна“ со овој настап одбележа 20 години од своето постоење на музичката сцена. Нивниот автентичен бленд на џез, етно, поп и призвуци од мирис на каранфил е добро познат во Македонија и вон нејзините граници.
Култната група во 2019 година за „Кроација рекордс“ објави колекција составена од најголемите хитови.