„Старлинк“ почна постапка за регистрација на компанија во Црна Гора
Компанијата „Старлинк“ започна формални процедури за влез на црногорскиот пазар на електронски комуникации, а почетокот на обезбедување сателитски интернет услуги за корисниците во Црна Гора се очекува до крајот на вториот квартал од 2026 година, пишува порталот Банкар.
Како што објави Агенцијата за електронски комуникации и поштенски услуги (EKIP), разговорите со претставници на оваа глобална компанија продолжија во претходниот период, кои имаат за цел исполнување на регулаторните и административните услови потребни за добивање статус на оператор во Црна Гора.
Заменик-извршниот директор на EKIP и раководител на секторот за радиокомуникации, Борис Јевриќ, напиша на Linkedin дека за време на неодамнешните состаноци со претставници на „Старлинк“, вклучувајќи го и директорот за пристап до пазарот, Бен МекВилијамс, е потврдено дека компанијата го започнала процесот на регистрација за компанија со седиште во Црна Гора.
– За да добие статус на оператор, „Старлинк“ ја започна постапката за регистрација на компанија во Црна Гора, по што ќе поднесе барање за регистрација во Регистарот на оператори во EKIP – рече Јевриќ.
По завршувањето на таа постапка и регулаторното одобрување, ќе се создадат услови за почеток на обезбедување услуги за крајните корисници.
„Старлинк“, кој работи во рамките на компанијата „Спејс икс“ (SpaceX), развива глобална мрежа на сателити во ниската Земјина орбита, овозможувајќи пристап до брз интернет во области каде што традиционалната инфраструктура не е доволно развиена. Се очекува дека влезот на овој оператор би можел да придонесе за поголема достапност на интернет, особено во руралните и тешко достапните делови на Црна Гора, како и за зајакнување на конкуренцијата на пазарот на електронски комуникации, пишува Банкар.