Стапката на вработеност на младите дипломирани лица во ЕУ порасна на 83 отсто


Стапката на вработеност на младите луѓе на возраст од 20 до 34 години во Европската Унија, кои неодамна завршиле средно или високо образование, во 2025 година порасна на 83,0 отсто, од 82,3 отсто претходната година, објави Евростат.

Според податоците што ги соопшти европската статистичка служба, во последните 11 години стапката на вработеност на оваа група е зголемена за 7,5 отсто. Младите со терцијарно (високо) образование бележат значително повисока вработеност, која изнесува 87,0 отсто во 2025 година, додека кај оние со средно образование стапката е 77,2 отсто.

На ниво на земји членки, највисоки стапки на вработеност кај младите со завршено образование се забележани во Малта (91 отсто), Германија (90,6 отсто) и Холандија (90,1 отсто), додека најниски се регистрирани во Грција (62,4 отсто), Италија (71,8 отсто) и Романија (72,7 отсто).

Податоците покажуваат и разлики по пол, при што стапката на вработеност во ЕУ е повисока кај мажите (84,4 отсто) отколку кај жените (81,5 отсто). Најголеми разлики меѓу половите се забележани во Чешка, Летонија и Словенија, додека во одредени држави, како Грција и Естонија, жените имале релативно повисока вработеност во споредба со мажите.