Српскиот Парламент го усвои извештајот на Вучиќ за Косово


Српските пратеници денеска го усвоија извештајот за Косово, поднесен од претседателот на Србија Александар Вучиќ.

За предлогот гласаа 145 пратеници, четворица беа против, а 13 не гласаа. Дел од опозициските пратеници го бојкотираа извештајот на Вучиќ.

Српскиот претседател, вчера, при поднесувањето на извештајот во Собранието, посочи дека доколку не се постигне компромисно решение „ќе има напади на Албанците”, но и дека доколку се постигне компоромис, за што е скептичен, „тогаш граѓаните за него ќе одлучуваат на референдум“.

Сепак, тој денеска не зборуваше за извештајот, туку за апсењето во Косово, оценувајќи дека „денеска бил уште еден тежок ден“.

– Нашата ситуација воопшто не е лесна, но нашата одлучност и верба во себе, сериозноста на целата држава и, верувам, на сите луѓе и пред се храброста на нашите луѓе во Косово…ќе не мотивира уште помотивирано да работиме и да бидеме доволно способни да ја гарантираме безбедноста на нашиот народ во Косово, рече Вучиќ.

– После овој напад денеска, работите нема да бидат исти и утре нема да речеме: Пу, пу не важи. Ќе биде поинаков односот и кон албанските преговарачи и сите други кои денеска зборуваа дека станува збор за борба против корупција или во прв момент и не јавувајќи се…а почнаа да се јавуваат дури кога сфатија дека сме сериозни во својата намера да го сочуваме нашиот народ, изјави српскиот претседател.

Вучиќ претходно изјави дека западните сили реагирале на акцијата на косовските полициски сили, оценувајќи дека имало „прекумерна употреба на сила“ и дека сето ова нема никаква врска со борбата против криминалот. Тој подоцна објасни дека Западот јавно не излегол со тој став, туку ја поддржал акцијата на Приштина, но дека нему му кажале дека „она што се случи во Зубин Поток е надминување на дозволената употреба на силата и дека е важно да се повлечат”.

Тој, исто така, рече дека планот на Приштина бил да се приведат вкупно 26 лица на северно Косово, но дека вкупно таму се приведени 19 лица.

Косовската полиција, меѓутоа, соопшти дека во акцијата за борба против организираниот криминал, спроведена во општините Звечан, Зубин Поток, Лепосавиќ, Северна Митровица, Јужна Митровица, Србица и Глоговац, се уапсени неколку граѓани и неколку полициски службеници од различни националности – Албанци, Срби и Бошњаци, кои се осомничени за шверц на стоки, злоупотреба на службена положба, давање поткуп, недозволена трговија и други кривични дела.

Според информациите објавени од некои косовски медиуми, во денешната акција се уапсени 19 полициски службеници и деветмина цивили.