Среде сезона за пожари авионите чекаат сервисирање
Авионите за гасење на пожари „ер трактори“ не смеат да полетаат, среде топлотен бран и додека горат десетици пожари низ Македонија, зашто уште не почнале да се сервисираат, јавува СДК.МК. Трите „ер трактори“ од лани не се извадени од хангарите зашто не се сервисирани.
Активни пожари има во Старо Нагоричане, Македонски Брод, Кумановско и Валандово, ама во моментов најстрашно е во Кочани, каде синоќа гореа и куќи, а небото беше црвено од огнот.
Ако пред еден месец се чекаше повторно да падне тендерот за добавувач-сервисер, за Бирото за јавни набавки да дозволи тој да се најде со директно преговарање, сега се чека да дојдат понудувачите. Но, првиот сервисиран авион ќе може да биде ставен во функција за 40 до 45 дена, што значи октомври. Во тој дел од годината вообичаено нема пожари.
– Жалам што „ер тракторите“ ги начекав несервисирани, поминале приземјени многу пожари и сезони на пожари. Денес очекуваме да се сретнеме со операторите, а до петок да постигнеме договор со некој од нив, за да се изврши сервисот. Сепак, за еден авион да биде во функција потребни се 40 до 45 дена, период кој се очекува да нема пожари во Македонија – вели директорот на ДЗС, Беким Максути.
Првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување потенцира дека забавеноста се должи на тоа дека операторите ја зголемите цената за оваа услуга за речиси 40 проценти, па истата ќе изнесува околу еден милион евра за трите авиони.
Од ДЗС во текот на вчерашниот ден има испратено 25 луѓе, а за денеска се очекува бројката да се зголеми над 300, затоа што биле мобилизирани луѓе од Скопје, Тетово и од Гостивар.
Пожарот во Кочани ја покажа целата неспособност на власта на Заев, да бевме нормална држава утрово ќе имаше дузина оставки од функционери, реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
– Оваа власт освен што покажа дека е потполно неспособна, покажа дека може да биде полоша од катастрофа за граѓаните. Најмалку две години не се сервисирани три авиони за гаснење пожар, затоа што тоа чинело 300-400 илјади евра. А колку чини штетата или не дај Боже изгубен живот? Колку чинат прославите и настаните? Само за кондоми и лубриканти во една година потрошија 2 до 3 пати повеќе средства. Само за нови службени возила потрошија десет пати повеќе пари – се вели во соопштението.