Среде избори ДИК ги смени изборните правила
Измената на Упатството за важечки и неважечки гласачки ливчиња што вчера ја донесе ДИК, само пет дена пред вториот круг од локалните избори може да биде вовед во хаос. ДИК соопшти дека ги известила и ги задолжила избирачките одбори задолжително да постапуваат според членот 109 став (2) и да ставаат печат на секое гласачко ливче, но доколку има ливчиња без ставен печат, за таквите да постапат согласно член 115, а во врска со член 110 од Изборниот законик и таквите ливчиња да бидат важечки доколку волјата на гласачот е јасно изразена.
Менувањето на правила меѓу два изборни круга ги става во нерамноправна положба учесниците во изборната трка. Во некои општини кандидатите ја завршија трката во првиот изборен круг со минимална разлика меѓу нив, во ситуација на голем број неважечки ливчиња. Легитимно е тие сега да го постават прашањето – колку од тие неважечки ливчиња би биле важечки според сега изменетото упатство?
Прашањето е зошто се одлучува нешто вакво токму сега? ДИК ќе мора да даде аргументирано образложение, оти откако одлуката излезе не стивнуваат реакциите на социјалните мрежи во насока на тоа дека се подготвуваат некакви изборни нерегуларности.
Уште повеќе дискутабилна е оваа новина откако единствениот член кој не гласал за одлуката е Кренар Лога од Алијанса за Албанците, за дел од медиумите на албански јазик изјавил дека се сомнева дека ова се прави тенденциозно. Сите останати членови на ДИК ја поддржале одлуката.
Инаку според членот 109 став 2 од Изборниот законик „гласачкото ливче се откинува од кочанот на блокот по нумерички редослед, му се става печат на предната страна и потоа му се дава на избирачот.“
За потсетување, во првиот круг од гласањето за градоначалници во 80 општини имаше 44.833 неважечки ливчиња, а во Град Скопје 15.940 неважечки ливчиња, или заедно повеќе од 60.000.