Србите спијат во Дојран, а се капат во Грција


Во стар чун или под сламен чадор, на кејот или со крапче во чинија, илјадници туристи дневно, од јуни до септември, уживаат во она што им го нуди Дојран. Во лето гратчето станува град, а за викенд и за празници се бара место повеќе и на плажите и во кафеанчињата.  Транзитните туристи кои ова лето се повеќе од лани, а меѓу нив најмногу Срби, од јуни до септември, не ретко преспиваат во Дојран пред да заминат за Грција.

„Во последно време почнаа да остануваат и подолго“, вели градоначалникот на Дојран, Анго Ангов. „Кога се враќаат од Грција, остануваат и по два-три дена. Дојран им нуди поевтино сместување, пониски цени во рестораните. Се шетаат по рекреативната патека покрај езеро, има дуќанчиња. Дури сè почесто се случува парови кои доаѓаат без деца да спијат во Дојран, а секојдневно за време на одморот да одат на различни плажи во Грција и навечер пак да се враќаат“, објаснува Ангов.

Годинешниов забележливо поголем број српски туристи се должи и на добрата промоција во февруари, на Белградскиот саем за туризам, каде што заедно со слаткото од зелени смокви, фригуваната риба и виното, посетителите добиле промотивни флаери од хотелите на Дoјранско Езеро, самостојните издавачи на сместувачки капацитети, од угостителските објекти и самостојните производители. Сега, на приватните изнајмувачи на капацитети не само што им доаѓаат гостите кои и претходно ги посетиле, туку имаат и нови, а и повеќе српски агенции искажале интерес да го стават и Дојран во понудата.

Ако бројката на постојани жители на Дојран се движи околу 3.500, во лето градската инфраструктура треба да задоволи тројно повеќе луѓе.

„Велиме дека секое лето градот е посетен од над 100.000 туристи. Многу повеќе се, зашто ако се исполнети сите капацитети, а ги има за над 5.000 туристи дневно, тогаш тоа е поголем број посетители. Да, наплатата на туристичката такса е многу слаба“, укажува градоначалникот Ангов.

Локалната самоуправа се обидува индиректно да ги убеди изнајмувачите на сместувачки капацитети дека прикривањето на туристичката такса ним најмногу им штети.

„Кога ќе ги собереме парите од туристичката такса, доаѓаат изнајмувачите и ги прашуваме каде да ги инвестираме. Ако знаат дека колку што повеќе пари уплатуваат, толку повеќе нови содржини ќе има, можеме да се надеваме во промена на однесувањето“, вели градоначалникот Ангов.

Локалната самоуправа ја почнува подготовката за наредната туристичка сезона од средината на септември. Најавуваат неколку проекти. Со првиот, треба да се уредат зелените површини во централното подрачје, да се направат содржини за деца, посебно катче за домашни миленици, парк со содржини. Проектот е над милион евра, од нив 80 отсто се европски пари, а остатокот од државниот буџет. Администратор на проектот е Светска банка. Со тоа што централното градско подрачје ќе го смени ликот, се очекуваат дополнителни гости. Би почнало со големиот парк во Стар Дојран, преку реконструкција на Амфитеатарот, изградба на нови пристапни патеки и пат до Фронтовата линија од Првата светска војна.

„За Фронтовата линија над градот, за многуте бункери и во изминатиов период има голем интерес од Бугарите, Англичаните и Французите, иако сега таа не е уредена, ја посетуваат“, посочува Ангов, додавајќи дека таа е еден од културноисториските обележја што ќе го отворат за туристи. Заедно со општина Невестино од Бугарија, изработиле прекуграничен проект и добиле европски пари. Со нив ќе се обнови Саат-кулата, како заштитен знак на Дојран, разурнат во Првата светска војна и Турскиот амам. Ќе бидат споени со патека од калдрма, осветлени. Ангов вели дека кога на оваа понуда ќе се додаде и црквата Свети Илија од 1848 година, Дојран ќе биде готов туристички производ, подготвен за понуда и на странските пазари. Пред сè на бугарскиот, британскиот и францускиот.

Проценките дека за околу 1000 туристи дневно би се зголемила посетата, треба да се покријат со дополнителни објекти за сместување. Најавено е дека струмичкиот хотел „Сириус“ ќе се прошири и во Дојран, а за есеноска се подготвува и постапка за продажба на земјиште, наменето за мали мотели. Бројни инвеститори покажале интерес за изградба на туристички објекти. Проблемот со бавноста во подготовката на урбанистичките планови ги кочи.

Анита Салтировска

Фото: Борис Грданоски