Србија пак нема да го отвори Кластерот 3 со ЕУ
Не треба да се очекува дека Србија ќе го отвори Кластерот 3 во преговорите со Европската Унија до крајот на годината, бидејќи во моментов нема консензус меѓу земјите-членки за ова прашање, дознава „Современа политика“ од извор во Брисел.
За отворањето на кластерот е потребна едногласност од сите земји-членки, што би значело отворање на три нови преговарачки поглавја за Србија. Во моментов, многу беројатно, тој консензус нема да се постигне.
Тоа е повторување на ситуацијата од крајот на минатата година, кога Србија, исто така во декември, се обиде да ги убеди членовите на Европската унија дека треба да го отвори Кластерот 3. И тогаш немаше договор за оваа одлука.
Со години, Европската комисија оценува дека Србија е технички подготвена за отворање на кластерот, но одлуката за ова ја носат членките на ЕУ. Србија не отворила нов кластер од декември 2021 година.
Минатата година, во обид да ги задоволи земјите-членки, владата се обврза да исполни дополнителни реформи наведени во таканаречениот „нон-пејпер“. Некои од овие реформи, како што е изборот на Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ), сè уште не се завршени.
Покрај тоа, од неофицијални извори постојано пристигнуваат информации дека утврдувањето на одговорноста за случајот Бањска е услов на некои земји-членки на ЕУ за да се даде зелено светло за Србија.
Освен овие услови, другите услови од „нон-пејперот“ се однесуваат на реформи во областа на владеењето на правото и демократијата, како и зголемување на хармонизацијата на надворешната политика со Европската Унија.
Претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ, вчера изјави дека и таа не очекува отворање на Кластерот 3 со Србија. Таквата изјава се разликува од пооптимистичките што можеа да ги слушнат пред неколку месеци разни државни функционери и надлежниот министер за европски интеграции, Немања Старовиќ.
Во декември е можна меѓувладина конференција со Црна Гора, каде што ќе бидат затворени некои поглавја од преговарачкиот процес со оваа земја.