Спектакл во Градскиот парк во Скопје со „Кармина бурана“ со три симфониски оркестри
Кантатата „Кармина бурана“ на Карл Орф (компонирана пред 90 години) е едно од највпечатливите музички дела. Германскиот композитор им дал музика и душа на секуларни песни од средновековието. Таа спектакуларна душа синоќа беше распослана во Градскиот парк во Скопје на отворено со заеднички концерт на Македонската филхармонија, Софиската филхармонија и Државниот симфониски оркестар од Солун.
Најден Тодоров од Бугарија диригираше со повеќе од 200 музичари, Хорот на македонската опера, Детскиот хор „Пиколо“ и Хорот на музичкото училиште од Солун.

Вечерта беше идеална – топла, но мирна, па илјдниците насобрани и испоседнати во паркот луѓе можеа да уживаат во настанот и да ги слушаат и ариите на сопранот Ана Дурловски, тенорот Николас Спанос од Грција и баритонот Иво Јорданов од Бугарија.
Скопје има публика за вакви настани која знае да ги цени уметничките достигнувања. Овој концерт на отворено сигурно ќе биде долго во сеќавањата на оние што беа присутни таму и можеа да се уверат дека за културата нема граници, а уште помалку политика. Трите оркестри и хорови настапуваа со една душа.
Иницијатор на овој проект е диригентот Тодоров. Претходно „Кармина бурана“ беше изведена во Софија и Солун и сега, ноќта пред почетокот на летото и на долгодневицата, во Скопје.