„Спејс Икс“ на Маск го престигна „Амазон“ на Безос неколку дена по излегувањето на берза
„Спејс Икс“ на Елон Маск го престигна „Амазон“ и стана петтата највредна компанија во светот по силниот раст на цената на акциите. Само неколку дена откако беше котирана на берзата Насдак во Њујорк, фокусирана на технологијата, на најголемата јавна понуда досега, нејзините акции скокнаа за повеќе од 50 проценти.
Тоа ја проценува вселенската компанија на Маск на околу 2,78 билиони долари (2,1 билиони фунти), додека интернет и медиумскиот гигант „Амазон“ на Џеф Безос моментално е проценет на околу 2,66 билиони долари.
Порастот на „Спејс Икс“ доаѓа откако компанијата објави дека го купува стартапот за вештачка интелигенција „Курсор“ (Cursor) за 60 милијарди долари. „Спејс Икс“ соопшти дека го купува „Anysphere“, матичната компанија на „Курсор“, која развива алатка за програмирање базирана на вештачка интелигенција.
Компанијата привлече силен интерес на инвеститорите во последните години благодарение на својата визија за испраќање вештачка интелигенција и центри за податоци во вселената и нејзиниот долгорочен план за колонизација на Марс.
Неодамнешната јавна понуда (IPO) собра 85,7 милијарди долари, со што Маск стана првиот човек во светот што надмина 1 билион долари. Акцијата порасна на 209 долари од почетната цена од 135 долари по акција во петокот.
Сепак, аналитичарите предупредуваат на одржливоста на толку високата проценка со оглед на големата неизвесност околу идните заработки. Додека „Амазон“ е широко признат бренд кој е присутен во животот на потрошувачите речиси секој ден, „Спејс Икс“ останува помалку интегриран во секојдневната потрошувачка и на пазарот.
И покрај тоа што пазарната вредност на „Спејс Икс“ го надмина „Амазон“, јазот во приходите и профитот останува огромен. „Амазон“ оствари профит од 30,3 милијарди долари во првиот квартал од 2026 година, додека „Спејс Икс“ изгуби 4,3 милијарди долари во истиот период.
Во 2025 година, „Амазон“ оствари приходи од 716,9 милијарди долари, додека „Спејс Икс“ имаше приходи од 18,67 милијарди долари. Сепак, инвеститорите очигледно се обложуваат на идниот потенцијал на „Спејс Икс“ . Иако главниот фокус на компанијата е производството и лансирањето на ракети за повеќекратна употреба, таа е сè повеќе присутна и во сегментот на сателитски интернет Старлинк и во трката за развој на вештачка интелигенција.
Некои аналитичари, исто така, предупредуваат дека само околу 4 проценти од акциите на „Спејс Икс“ моментално слободно се тргуваат на пазарот. Помалите акционери би можеле „да платат премија за акции што подоцна би можеле да се разредат“ доколку институционалните инвеститори одлучат да ги продадат своите удели, предупреди Ден Шиан од Telos Wealth Advisors.
„Спејс Икс“ и „Курсор“ работат заедно од април. На компанијата на Маск ѝ е дадена можност да го купи стартапот за 60 милијарди долари или, алтернативно, да плати 10 милијарди долари за соработката досега. Како ОпенАИ и „Антропик“, технологијата на „Курсор“ користи вештачка интелигенција за автоматизирање на пишувањето код, една од најважните апликации на вештачката интелигенција денес.
Соработката доаѓа во време кога „Спејс Икс“ се обидува да ја стигне конкуренцијата со зајакнување на својот оддел за вештачка интелигенција xAI, кој стои зад четботот Грок.
При објавувањето на партнерството во април, „Спејс Икс“ изјави: „Комбинацијата од водечкиот производ на ‘Курсор’ и неговата дистрибуција меѓу искусни софтверски инженери со суперкомпјутерот Colossus на ‘Спејс Икс’ ќе ни овозможи да ги развиеме најкорисните модели во светот.“
„Курсор“ го користат големи компании како што се „Страјп“ (Stripe), „Адоб“ (Adobe) и „Нвидиа“, а неговиот извршен директор Јенсен Хуанг го опиша како негова „омилена услуга за вештачка интелигенција за претпријатија“. „Спејс Икс“ изјави дека се очекува договорот да се затвори до крајот на септември, а на акционерите на „Курсор“ ќе им бидат исплатени 60 милијарди долари во акции на „Спејс Икс“.