Специјалниот пратеник на Путин не доаѓа во Белград


Николај Патрушев во Белград треба да го провери пријателството на Александар Вучиќ

Откажана е посетата на секретарот на Советот за безбедност на Русија, Николај Патрушев на Белград, соопшти претседателот на Србија, Александар Вучиќ, отфрлајќи ги наводите дека Патрушев бил во Белград, јави дописникот на МИА од Белград.

-Не беше тука и нема да дојде во Белград, изјави Вучиќ за новинарите на отворањето на Клиничкиот центар на Србија по завршувањето на првата фаза од работите.

Како што беше претходно најавено, Патрушев во понеделник, на 28 февруари, требаше да дојде во Белград, а со Вучиќ, според медиумите, требаше да разговара за наводното регрутирање „борци од Косово, Албанија и БиХ за украинскиот фронт“. Тогаш се шпекулираше дека требало да се разговара за зајакнување на соработката меѓу Србија и Русија на полето на безбедноста и актуелните предизвици на Балканот, Европа и светот.

-Србија покажува најголема грижа, но и најголема одговорност за мирот во регионот. Не ја користиме ситуацијата да било кого, на кој било начин да нападнеме, обвинуваме што и се случи на нашата земја во 1999 година, истакна Вучиќ.

„Наскоро ќе следат датумите за кои ќе можеме да зборуваме, 17 и 24 март. Во секој случај, наше е строго да се придржуваме до меѓународното јавно право, да ја почитуваме нашата земја, да ги почитуваме другите земји, да не ги навредуваме другите народи“, кажа Вучиќ.

Патрушев е секретар на Советот за национална безбедност од 2008 година, а пред тоа беше директор на Федералната служба за безбедност (ФСБ), која е наследник на КГБ.

Истовремено српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека Владата на Србија денеска ќе ги потврди заклучоците на Советот за национална безбедност во врска со ситуацијата во Украина и дека државата ќе постапува согласно тие заклучоци. Брнабиќ за ТВ Прва изјави дека и се најважни четирите одлуки, од кои првата е почитување на територијалниот интегритет на Украина во согласност со меѓународното право, исто како што Србија сака да се почитува нејзиниот територијален интегритет.

-Второ, дека нема да воведуваме санкции кон Русија во согласност со нашите интереси, трето, да ја задржиме воената неутралност и да ја почитуваме одлуката армијата и полицијата да ги прекинат сите воени вежби со други земји, и четврто, да се зачува мирот, изјави Брнабиќ.

Таа додаде дека очекува притисоците да продолжат и дека Србија се соочува со тешки времиња, но оти смета дека најважно е Србија да ја зачува стабилноста.

Таа ја пофали „мудроста на претседателот Александар Вучиќ“ кој, како што кажа, „не истрчал да се изјасни“, туку внимателно го одмерувал секој збор од заклучоците.

Брнабиќ додаде дека таа и Вучиќ разговараат со партнери од Европската унија, дека Србија и покрај тоа што е единствената земја во Европа која не воведе санкции кон Русија, останува на принципиелниот став и дека на Србија нема зошто да ни се забележува.

Таа додаде дека сите му се смееле на Вучиќ кога зборувал за грашок, грав, сол и конзервирана риба, но дека работата на владата е да обезбеди што е потребно за граѓаните и дека Србија има доволно резерви.