Спасовски: Ниту јас ниту некој од владиниот тим беше известен за тестовите во општинскиот кризен штаб пред состанокот во Куманово

Премиерот Оливер Спасовски вечерва изјави дека ниту кој било од владиниот тим што вчера беше на состанок во Куманово не бил известен дека на членовите на општинскиот кризен штаб претходно им било направено тестирање за корона вирус.
„Доколку знаевме дека градоначалникот Максим Димитриевски и други лица од кризниот штаб на Куманово чекаат резултати за коронавирусот, состанокот ќе го одржевме онлајн“, рече Спасовски во видео гостувањето за емисијата „Клик плус“ на ТВ21.
Тој појасни дека Државниот здравствен и санитарен инспекторат ќе ја разгледа оваа ситуација, по што сѐ ќе биде појасно. Тој им посака брзо закрепнување на градоначалникот Димитриевски и инфицираните членови на кризниот штаб.
„Денеска разговаравме со епидемиолозите, очекувам утре да ми биде доставена изјавата дека ќе бидам во изолација, односно решението дека треба да бидам во изолација. Ова е момент во кој мора да ги штитиме сите, и домашните, изолиран сум за да не создавам ризик. Тестирањето за тоа дали сум носител на вирусот треба да се направи неколку дена после контактот, поради што најверојатно ќе бидам тестиран во вторник“, изјави Спасовски од својот дом во Куманово.