Спасовски меѓу два огна за разузнавачката реформа


Речиси 100 амандмани се поднесени на законот со кој се предвидува формирање нова агенција за безбедност, со кој практично се става „клуч на врата“ на досегашната УБК, овој сектор се одвојува од МВР и преминува под ингеренција на Владата.

Најголем дел од амандманите, близу 50, се усогласени меѓу работните групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, кои се предводени од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и од поранешниот технички премиер Емил Димитриев, кој сега е на чело на собраниската Комисија за надзор над прислушувањето. Затоа, пак, околу 35 амандмани се од пратеници на СДСМ кои предлагаат интервенции во текстот на законот што, според наши информации, се спротивни на предлог-амандманите што ги усогласиле Спасовски и Димитриев. Меѓу предлагачите на овие амандмани, наводно, се потпретседателката на парламентот Фросина Ременски, Мухамед Зекири, Илија Николовски, но и други пратеници од коалицијата на СДСМ. Исто така, петнаесетина амандмани поднела независната пратеничка група.

Законот за агенцијата за безбедност се носи со двотретинско мнозинство и амандманската расправа за него треба да почне денеска рано наутро во Комисијата за одбрана и безбедност. На дневен ред на комисиската седница е и вториот закон за реформа на безбедносниот сектор, односно регулативата за координација на разузнавачката заедница во земјава, за кој, пак, биле предложени само неколку амандмани.

-Со оглед на тоа што станува збор за мошне важни и реформски закони, според мене, најбитно е за нив да се обезбеди политички консензус, независно од тоа какво мнозинство е потребно за да бидат донесени, вели Хари Локвенец од СДСМ, претседател на Комисијата за одбрана и безбедност.

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, потврдува дека во меѓупартиските работни групи се усогласени голем дел од одредбите што во март годинава беа спорни за опозицијата, која поради тоа гласаше воздржано за двата реформски закони кога тие беа во прва фаза од постапката. Тој вели дека не учествувал во работните групи, ама најави координација на пратеничката група утринава за да се договори како ќе се постапува во текот на амандманската расправа, а потоа и за донесувањето на законите на собраниска седница. Димитриев ни изјави дека во работните групи со СДСМ се договорени четириесетина заеднички амандмани, ама, како што вели, треба да се види каква ќе биде конечната верзија на законите пред тие да бидат ставени на гласање пред собранискиот пленум.

Вицепремиерот Спасовски, во текот на амандманската расправа, практично, треба да одлучи дали ќе ги прифати амандманите што ги поднеле дел од неговите сопартијци во законодавниот дом. Во случај да ги прифати, тоа, од друга страна, би значело отфрлање на амандманите што самиот тој ги усогласувал со претставници на ВМРО-ДПМНЕ, во обид да обезбеди двотретинско мнозинство. Ако, пак, ги отфрли амандманите на пратениците на СДСМ, прашање е дали тие ќе се вклучат во поддршката на новиот закон за агенцијата за безбедност за да придонесат за обезбедување на двотретинскиот кворум.

Според информациите, станува збор за два различни концепти за тоа како во иднина треба да функционира разузнавачкиот сектор. Генерално, наспроти опозицијата, која инсистира на поголема вклученост на собраниската Комисија за надзор над работата на разузнавачките служби, особено при селекцијата на кадрите во новата агенција за безбедност, дел од владејачките пратеници сметаат дека политиката треба да биде изземена во овој случај. Наводно, еден од усогласените амандмани предвидува во телото за селекција на кадри за новата агенција да членуваат двајца претставници на Комисијата за надзор над УБК и АР, но без право на глас. Ова е спорно за дел од пратениците на СДСМ, со образложение дека така ем ќе се попречи цивилната контрола над разузнавањето, за што е овластена оваа комисија, ем ќе ѝ се овозможи поголема контрола на ВМРО-ДПМНЕ врз кадровските прашања, особено ако се има предвид дека на чело на ова тело е поранешниот спикер Трајко Вељаноски, кој, меѓу другото, е под истрага како еден од можните организатори на настаните на 27 април.

Друго спорно прашање е т.н. ветинг во разузнавачкиот сектор што би се спровел практично преку затворањето на УБК и формирање на новата агенција за безбедност, со оглед на тоа што досега вработените во Управата нема автоматски да преминуваат во агенцијата, туку ќе мора да конкурираат за вработувања и да поминат низ строга селекција. Во тој дел во работните групи, според информациите, е усогласен амандман според кој досега вработените во УБК ќе имаат можност уште еднаш да конкурираат за место во агенцијата доколку бидат првично одбиени и да поминат две различни нивоа на селекција. Ако и вториот пат не бидат примени во агенцијата, тогаш би им се обезбедило работно место во државната администрација за да не останат на улица. Наспроти тоа, владејачки пратеници сметаат дека треба да се направи ветинг со тоа што припадниците на разузнавачката заедница, за кои ќе се утврди дека се неподобни да продолжат да работат во овој сектор, ќе се сметаат за неподобни и за работа во администрацијата.

Според она што е усогласено во работните групи, новата агенција би почнала да функционира од почетокот на септември, односно дотогаш би требало да се направи селекција на кадрите, наспроти првичната проекција според која агенцијата требаше да почне да функционира од почетокот на јуни. Затоа, пак, до крајот на мај би требало да биде именуван првиот директор на оваа агенција и тоа по предлог на премиерот Зоран Заев, но со согласност на собраниската Комисија за надзор над УБК и АР со која раководи Вељаноски од ВМРО-ДПМНЕ. Во јавноста веќе се спомнуваат првите можни имиња за директор на агенцијата, за што со текстот на законот се предвидени мошне високи критериуми. Сепак, прашање е дали изборот на нов директор ќе се реализира до крајот на овој месец, како што е предвидено, со оглед на мноштвото поднесени амандмани и начелно спротивставени позиции и тоа во владејачкиот табор, кои може да ја одолговлечат постапката за изгласување на законите за реформа на разузнавачкиот сектор, но и да го доведат во прашање консензусот.

Пендаровски не го „бришат“ од разузнавањето

Што се однесува до новиот закон со кој се воспоставува координација меѓу разузнавачките служби во земјава, односно меѓу новата агенција за безбедност, Агенцијата за разузнавање и военото разузнавање, усогласено е решение кое предвидува координацијата само на оперативно ниво да се реализира преку т.н. совет за координација. На стратешко ниво, пак, координацијата би се одвивала преку Советот за безбедност, со кој претседава шефот на државата.

Новиот претседател Стево Пендаровски наскоро треба да именува тројца надворешни членови на Советот за безбедност, во кој по функција членуваат премиерот, претседателот на парламентот и министрите за внатрешни и за надворешни работи и за одбрана. При именувањето на надворешните членови, претседателот треба да го запази принципот на правична етничка застапеност, односно еден од неговите избраници да биде етнички Албанец. Исто така, Пендаровски, за време на кампањата, остави отворена можност во Советот да има и претставник на опозицијата.

Според наши информации, меѓу работните групи за реформа на безбедносните служби било договорено да се подготви и закон за Советот за безбедност, со оглед на тоа што ова тело моментно е регулирано само со Уставот. Договорено е да се донесе и закон за парламентарниот надзор на службите, како и посебен закон за Агенцијата за разузнавање, кој наводно од поодамна бил подготвен во Министерството за правда, а се однесува на службата која е под надлежност на шефот на државата. Меѓутоа, планот за подготовка на овие закони, наводно, сега е ставен на стенд-бај, поради амандманите што ги поднеле дел од пратениците на СДСМ, а кои се спротивни на концептот што го договориле работните групи под водство на Оливер Спасовски и Емил Димитриев. Александра М. Митевска