Спасовски – Јохансон: Борбата со организираниот криминал прв приоритет на Македонија


Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска остварил билатерална средба со еврокомесарката за внатрешни работи и миграција Илва Јохансон, во рамки на министерскиот форум за правда и внатрешни работи, кој оваа година го организира Република Северна Македонија заедно со шпанското претседателство со Советот на ЕУ.

Заблагодарувајќи се за несебичната поддршка во потпишувањето на договорот меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативни активности спроведени од страна Агенцијата за eвропска гранична и крајбрежна стража во Република Македонија, министерот Спасовски истакнал дека договорот ја одбележа изминатата година во поглед на позитивен развој во односите помеѓу Европската Унија и Северна Македонија и ја донел пораката дека современите безбедносни предизвици бараат партнерски пристап и заеднички одговор.

– Во оваа заедничка акција, како и во се друго, чекориме заедно, како рамноправни партнери, бидејќи единствено со заеднички, координиран пристап можеме успешно да се справиме со глобалните предизвици. Воедно, би сакам да истакнам дека борбата против организираниот криминал останува приоритет број еден за Северна Македонија и остануваме посветени на зајакнувањето на соработката со Европската Унија во оваа наша и Ваша борба”, истакнал министерот Спасовски пред еврокомесарката Јохансон, се наведува во соопштението од МВР.

Еврокомесарката Јохансон, како што стои во соопштението, изразила пофални зборови за одличната соработка помеѓу МВР и европската агенција ФРОНТЕКС, особено по минатогодишното потпишување на овој договор, а како поткрепа на успесите зборуваат резултатите и статистиките што ги имаат МВР и ФРОНТЕКС на терен во спречувањето на илегалната миграција.

– Двајцата соговорници се согласија дека само со заеднички сили, вмрежени, можеме да се бориме против сите видови на криминал на тлото на ЕУ, соопштија од МВР.