Сореца му го врачи извештајот на Рама и порача партиите да се заложат за дијалог во интерес на сите
Шефот на делегацијата на Европската унија во Република Албанија, Луиџи Сореца попладнево му го врачи Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата за 2019 година на албанскиот премиер Еди Рама, притоа упатувајќи апел дека „пред овој факт, сите политички партии треба да се заложат за дијалог во интерес на сите“.
-Политичките партии треба да покажат заедничка волја и напор, да ги остават на страна поделбите и да се вклучат во дијалогот за доброто на сите. Треба да дадат нивен придонес со цел Советот на министри на ЕУ да даде позитивен одговор за препораката. Им честитам на Рама и на Владата за постигнувањата и препораката за почеток на преговорите, изјави Сореца.
Тој посочи дека следните три недели се клучни и го охрабри албанскиот политички систем, Владата и опозицијата, да придонесат кон оваа цел.
Премиерот Рама нагласи дека одлуката на Европската комисија да препорача отворање на преговорите не е изненадување, туку дека тоа е потврда на фактот дека Албанија ги направила сите домашни задачи и оти ЕК како најдоверлив механизам за оценување на напредокот на една земја, денеска ја потврди безусловната позитивна препорака за отворање на преговорите за членство со ЕУ.
Рама упати апел до опозицијата „во овие три одлучувачки недели за Албанија да се откаже од партиските и ненародни протести кои даваат погрешната слика за земјата во светот“.
– Апелирам до Љуљзим Баша и оној дел од опозицијата што е на улиците до моментот на донесувањето на одлуката добро да размислуваме за Албанија, а не за партијата, да размислуваме за идните генерации, а не за следните избори. Добро е да не ги снабдуваме оние кои се двоумат или се во потрага по причини за да кажат не со лажни слики кои не ја одразуваат реалноста за Тирана, протести кои се партиски, а не се народни. Доколку уличната опозиција престане и и даде шанса на Албанија, а не на Владата, тогаш Албанија 100 отсто ќе ги почне преговорите. Единствениот непознат елемент во оваа равенка е уличната опозиција на Албанија, рече Рама.
Сореца во претседателската резиденција извештајот му го врачи и на претседателот Илир Мета кој ја поздрави препорака на ЕК за Албанија со надеж дека оваа препорака ќе добие одобрение од земјите – членки.
Мета, исто така, упати честитка за „јасната победа на проевропските сили на изборите за Европскиот парламент, како охрабрување за сите земји аспиранти за европска интеграција“.