Сопственичката на швајцарскиот бар бегала со благајната додека луѓето гореле околу неа?

Според досегашните наоди на истрагата ниту еден од вработените во барот не помогнал во гасење на пожарот или помош за гостите


 

Се појавија нови информации за трагичниот пожар во Кран Монтана, Швајцарија, каде што 40 лица, претежно млади луѓе, ги загубија животите на новогодишната ноќ во клубот „Ле Констеласион “. Според уталијанскиот весник „Република“, безбедносните камери наводно ја снимиле сопственичката Џесика Морети како го напушта запалениот клуб носејќи каса со пари во рацете.

Сведоците исто така рекоа дека сопственичката бегала со касата цврсто стегната во рацете додека гостите биле зафатени од пламен. Затоа полицијата ги прегледува сите достапни снимки од клубот, секако вклучувајќи ги и оние од безбедносните камери кои првенствено го покривале влезот во барот.

Според досегашните информации, Морети била во клубот со својот син од првиот брак, кој бил и раководител на персоналот во времето на пожарот, а самата таа се здобила со изгореници на раката. Нејзиниот сопруг и косопственик на клубот, Жак, во тоа време бил на друго место.

Снимките од уличните камери наводно го покажуваат драматично различното однесување на мајката и синот. Додека младиот човек внатре се обидувал да ги скрши плексиглас панелите на верандата за да ги ослободи заробените гости, таа, како што покажува видеото, избегала на улица – со касата во рацете.

Доколку се потврди автентичноста на видеото, овој детаљ би можел значително да ја влоши правната положба на сопственичката. Таа и нејзиниот сопруг Жак се обвинети за убиство од небрежност, предизвикување телесни повреди и палење, а сопственичката на барот сега би можела да се соочи и со обвиненија за непружање помош.

Обвинителката Беатрис Пилу, исто така, размислува за зголемување на обвиненијата за можна намера за двајцата осомничени. Неколку елементи укажуваат дека сопствениците биле свесни за огромниот ризик за гостите: од лесно запаливите материјали што се користат за таванот и затворените излези за итни случаи, до целосното отсуство на систем за противпожарна заштита и апарати за гаснење пожар.

Полицијата испитува бројни снимки во потрага по одговори на прашањето што точно се случило во фаталните минути помеѓу избувнувањето на пожарот и огнената бура во новогодишната ноќ. Анализата би можела да доведе и до промена на обвинението против сопствениците, семејството Морети, од небрежност во намерно предизвикување опасност, со оглед на тоа што се осомничени дека знаеле за ризиците, но не преземале ништо за да ги спречат, објавува „Ил Месаџеро“.

Истражителите, исто така, посветиле посебно внимание на постарите снимки, како онаа од новогодишната ноќ 2020 година. На нив се гледа како шишиња со распрскувач се креваат кон звучно изолираниот таван во клубот, додека член на персоналот двапати предупредува: „Внимавајте на пената“. Ова, според обвинителството, би можело да биде клучен доказ дека сопствениците биле свесни за опасноста, а обвиненијата би можеле да им донесат до 20 години затвор. Друго видео, снимено во ноќта на трагедијата, покажува келнерка со црна кацига на главата, седејќи на рамената на млад човек, кревајќи шише со распрскувач кон таванот, предизвикувајќи пламен.

Ниедно од досега прегледаните видеа не покажува дека некој од вработените во клубот интервенира – гаснејќи го пожарот со вода, вклучувајќи ги светлата, исклучувајќи ја музиката или насочувајќи ги гостите кон излезите. Тие дури и не ја отвориле задната врата за да ја олеснат евакуацијата. Поради паниката што настанала, многу од адолесцентите починале или се здобиле со тешки изгореници откако паднале и биле прегазени во стампедото, вдишувајќи го жешкиот чад. Експертите сега ги користат видеата за да се обидат да утврдат колку животи можеле да бидат спасени доколку персоналот реагирал навремено.

Обезбедувањето на клубот е исто така под истрага за непријавување помош, а истражителите ги прегледуваат и видеата од други ресторани во сопственост на семејството Морети.

Мистеријата во целата истрага е фактот дека телата на жртвите биле вратени на нивните семејства без обдукција и без причина за смрт наведена во документите. Прашањето зошто обвинителството не наложило медицинско-правно вештачење ги вознемирува семејствата, вклучително и семејството на Емануеле Галепини, еден од шесте млади италијански мажи загинати во пожарот.

Адвокатот Себастијан Фанти, кој застапува едно од италијанските семејства, беше јасен: „Нешто тргнало наопаку во примената на постапката. Не е можно телата да биле вратени во нивната татковина без потврда во која е наведена причината за смртта“. Барањата на адвокатите сега би можеле да доведат до отворање истрага во Рим и спроведување обдукции во Италија.

Семејството на Емануеле Галепини, кој беше идентификуван преку ДНК анализа, не разбира зошто генетското тестирање било воопшто потребно. Немало знаци на изгореници на неговото тело, а мобилниот телефон и документите му биле во пластична кутија во џебот – сите недопрени. Нивното барање до швајцарските власти за обдукција останало неодговорено. Тие рекле: „Телото нема да биде кремирано“.