Соосновачот на Google сака вработените да се вратат во канцелариите и да работат 60 часа неделно


Битката за глобалниот трон со вештачка интелигенција продолжува, а ко-основачот на Google повикува на дополнителен ангажман што можеби нема да ги задоволи сите

Во интерен меморандум до вработените, ко-основачот на Google, Сергеј Брин повика на поинтензивна работа и предложи 60-часовна работна недела за да ѝ помогне на компанијата да ја зацврсти својата лидерска позиција во вештачката интелигенција, во услови на зголемена конкуренција од алатки како ChatGPT. Според извештајот на Њујорк Тајмс, Брин ги советувала вработените да работат од канцеларија во текот на целиот работен ден. „Ви препорачувам да бидете во канцеларија секој работен ден“, напиша тој во белешката до вработените, пренесува NYT.

Брин, чие богатство се проценува на 144 милијарди долари, нагласи дека „60 часа неделно се оптималното ниво на продуктивност“ во пораката до тимот на Gemini, кој ги развива моделите и апликациите за вештачка интелигенција на Google.

„Конкуренцијата значително се засили, а последната трка кон вештачката општа интелигенција (AGI) започна“, истакна тој, повикувајќи ги вработените да ги забрзаат напорите да го задржат Google пред конкурентите како OpenAI и Microsoft.

„Верувам дека ги имаме сите состојки потребни за победа на оваа трка, но мора драматично да ги засилиме нашите напори“, напиша тој, повторувајќи ја својата поддршка за 60-часовната работна недела. Брин, исто така, ги охрабри инженерите да ги користат моделите на ВИ на Google за пишување код, тврдејќи дека тоа ќе им овозможи да станат „најефективните програмери и научници за вештачка интелигенција во светот“.

Откако ChatGPT беше лансиран пред две години, неговите први 100 милиони корисници активно го истражуваа, сметајќи дека е исклучително корисен или понекогаш разочарувачки. Слични повици за подолго работно време од страна на технолошките лидери често се гледаат како стратегии за намалување на вработеноста и намалување на трошоците, пишува NDTV.

На пример, минатата година, ко-основачот на Infosys, Нарајана Мурти, предложи 70-часовна работна недела, додека во јануари, претседателот на L&T, SN Subrahmanyan, предложи работна недела од 90 часа.