Сонцето од Кутлеш веќе нема да свети: Нема казни за граѓаните што ќе го носат со себе


Симболот од Кутлеш заминува во историјата. Шест месеци по официјализацијата на договорот за името во Мала Преспа, Македонија ќе треба да почне со применување на одредбата според која, нема да го употребува симболот на поранешното знаме во јавен простор од страна на јавни и државни институции. Спомениците во центарот на Скопје нема да бидат урнати, но крај нив ќе бидат поставени табли на кои ќе пишува оти се дел од хеленскиот антички период и се дел од светското културно наследство. Одредбата не важи за приватните лица, односно граѓаните нема да бидат казнувани доколку носат маичка или знаме со шеснаесеткракото сонце.

Станува збор за членот 8 став 3 со кој втората страна, односно Македонија, нема повторно да го употребува на кој било начин и во каква било форма симболот порано истакнат на нејзиното поранешно државно знаме.

„Во рок од шест месеци по влегувањето во сила на оваа спогодба, Втората страна ќе пристапи кон отстранување на симболот истакнат на нејзиното поранешно државно знаме од сите јавни места и од јавна употреба на нејзина територија. Археолошките артефакти не спаѓаат во опфатот на оваа одредба“, стои во споменатиот член.

Од Владата велат дека Преспанскиот договор создава обврски за државите и јавните институции на двете страни. Тие се задолжени за неговата имплементација.

„Договорот не создава обврски за приватни лица и приватни ентитети, но државата и јавните институции ги охрабруваат и поттикнуваат приватните лица и приватните ентитети доследно да го почитуваат и применуваат договорот во пракса“, нагласуваат од владата за „Независен весник“.

Владата во Скопје ќе треба да го испита статусот на спомениците, јавните згради и инфраструктури на нашата територија. Доколку тие на кој било начин се однесуваат на античката историја на Грција и на цивилизацијата што претставува интегрален дел од историското или културното наследство на Грција, ќе треба да преземе соодветни корективни мерки за да може ефективно да се реши прашањето и да се обезбеди почитување на наследството. Според најавите, споменикот „Воинот на коњ“ ќе се преименува во Александар Македонски и ќе се даде објаснување во рамките на споменикот за кого станува збор, односно дека Александар Македонски, како дел хеленскиот антички период, е светско културно наследство. Нема да се урива ниту споменикот на Филип Македонски и на Олимпија.

Во почетокот на јули, Владата побарала надлежните институции да достават информација за спомениците, јавните и другите инфраструктурни објекти чии имиња се дел од античката хеленска култура и цивилизација, во чија надлежност се тие во однос на поставувањето и одржувањето и кој е носител на авторските права, доколку станува збор за уметнички дела.

На 13 февруари или на само еден ден од стапувањето во сила на договорот, дел од институциите веќе почнаа да ги спроведуваат одредбите. ЈП „Водовод и канализација“ први почнаа со спроведување па го отстраниле тепихот со симболи од директорскиот кабинет, а потоа и неколку слики со иста тематика.

Неколку општини во земјава ќе мора да го менуваат својот грб, затоа што во актуелниот го имаат сонцето од Кутлеш.

Горан Адамовски

Фото: Борис Грданоски