Биљана Ангелова повторно избрана за ректор на УКИМ. Доби помалку гласови, но освои повеќе поени

Ангелова, која е актуелна ректорка од септември 2023 година, во изборната трка се соочи со проф. д-р Дарко Данев од Машинскиот факултет


Фото: Б. Грданоски

Проф. д-р Биљана Ангелова е повторно избрана за ректор на најстариот македонски универзитет „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ). Таа ја доби довербата на академската заедница на денешното гласање, со што ќе го води универзитетот и во новиот мандатен период 2026–2029 година.

Ангелова, која е актуелна ректорка од септември 2023 година, во изборната трка се соочи со проф. д-р Дарко Данев од Машинскиот факултет. Гласањето се одвиваше тајно, а официјалните резултати беа објавени попладне на веб-страницата на УКИМ.

Незадоволните кандидати може да поднесат приговор.

Ангелова, како што се наведува во записникот освоила 2924,125 поени, а Дарко Данев освоил 2675,875 поени. Рангирањето е според поени, а не според гласови, затоа што различно се вреднуваат гласовите на одделни факултети.

Се гласаше на 23 факултети и на пет института во состав на УКИМ.  Според избирачките списоци на единиците, запишани се вкупно 1.434 гласачи.

На денот на гласањето, за избор на ректор гласале 1.286 члена на Наставно-научните/Научните/Наставно-научните и уметнички совети. По извршеното гласање 148 гласачки ливчиња се неискористени и 59 се неважечки.

Според конечните резултати, Данев освоил 663 гласа, додека Ангелова добила 565. Сепак, распределбата на гласовите по факултети и нивната тежина во вкупниот резултат довела до тоа Ангелова да го задржи мандатот.

Данев, според достапните податоци, остварил поединечна победа на 14 факултети. Изборниот систем овозможува резултатот да не се пресликува директно во конечниот избор на ректор.

Со нејзиниот реизбор, Ангелова продолжува да ја води институцијата во период во кој универзитетот се соочува со предизвици поврзани со наставата, финансирањето и меѓународната позиција.