Софија ќе бара од ЕУ да ја признае кирилицата како „бугарска азбука“


Денот на словенската писменост 24 Мај, кој покрај Македонија, го одбележува и Бугарија, Софија ќе го слави како „најбугарски празник“, како „ден на бугарската писменост”. Со поддршка и на партијата на премиерот Бојко Борисов, бугарскиот парламент го усвои предлогот на коалицијата „Обединетите патриоти“, зад кои стои Красимир Каракачанов, за промена на името на празникот, со образложение дека името словенска писменост е рецидив од комунистичкото време. Во предлогот е наведено и дека тоа ќе биде начин кирилицата да биде признаена во рамки на Европската унија како бугарска азбука.

Во предлгот што го мина првото комисиско ниво на одлучување во бугарското Собрание, е наведено дека формулацијата празник на словенското писмо е воведена од страна на бугарската Комунистичка партија пред 30 години.
Во изјава за телевизијата Канал 5, професорката Елка Јачева-Улчар оценува дека се работи за провокација и тоа не само кон Македонија, туку и кон останатиот славистички свет. Улчар нагласува дека во науката е прифатено оти во основата на старословенскиот јазик се македонски говори од околината на Солун, а дека првото словенско писмо напишано од Кирил и Методиј е глаголицата.