Социјални случаи примале и до 1.000 евра помош – ќе се детектираат софтверски


Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција најави две реформи во сферата на социјалната заштита. Едната, рече, ќе биде изготвување софтверско решение кое јасно ќе детектира кои корисници на социјална помош го злоупотребуваат системот, а втората е издавање платежна картичка со која 50 отсто од сумата приматели на социјална помош ќе ја користат за купување македонски производи. 

Како што истакна Мицкоски, досега се евидентирани голем број злоупотреби. Некои лица примале социјална помош и до 60 000 денари месечно.

– Некои корисници примале помош до 60.000 денари, некои се починати, некои долго се отсутни од државата. Има големи злоупотреби во центрите и од службеници. Дел се веќе и санкционирани, против дел се покренати кривични постапки, истакна Мицкоски, додавајќи дека на софверското решение се работи со Светска банка. 

Дополни дека и во однос на здравството се работи на реформи.

– Мора да сме свесни дека здравствениот систем бил многу злоупотребуван и затоа сега некои се милионери, а некои милијардери додека граѓаните не ги добиваат услугите. Се преговара со две европски земји за изградба на две здравствени установи, клиничката болница во Штип и Кичево. Работиме и на набавка на апарати неопходни за добивање здравствени услуги. Размислуваме и за структурна реформа во здравството, за регионализација. Некои објекти може од болници ќе станат поликлиники или други од поликлиники амбуманти, објасни премиерот.