Со рокада на попишувачи ќе се решава проблемот со невакцинираните
Сѐ поголем е бројот на оние кои не сакаат да пуштат попишувач дома доколку тој не е вакциниран, од страв од зараза со корона вирусот, а пописот почнува во недела на 5 септември.
На прашање што со оние кои нема да сакаат да пуштат попишувач затоа што не е вакциниран, премиерот Зоран Заев вели дека прво ќе се трудат проблемот да го решат со максимална флексибилност.
– Кога ќе се случат вакви случаи, може да се направи рокада на попишувачите за да може да се излезе во барањата и очекувањата на граѓаните. Навистина мал е процентот на вакви реакции затоа што и поголем дел од попишувачите се вакцинирани, а и повеќе од 50 проценти граѓани над 40 години се исто така вакцинирани – реќе Заев денеска, при посетата на СМУ „Панче Караѓозов“.
Со оглед на тоа дека пописот се спроведува 20 дена, овојпат е 25 дена, има дополнителна можност за посатвување бафери, смета Заев, со цел да се соберат стопроцентно податоците од граѓаните.
Инаку, според Законот за попис, глоба во износ од 200 до 300 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на физичко лице ако одбие да ги даде податоците што се бараат од него за Пописот или ако даде неточни податоци.
Пописот ќе се спроведува од 5 до 30 септември 2021 година.(Б.Б.)